Димитров: Грција испрати вербална нота, Мизрахи создава проблеми со стратешките цели на земјава

од Aleksandar Todeski

Техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, која ја извршува оваа функција врз основа на заклетвата дека ќе ги почитува Уставот и законите на Република Северна Македонија, отстранувајќи ја таблата со името во Министерството, го прекрши Уставот, рече Министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

„Нејзина работа е да внимава да нема злоупотреби за изборите. Наместо тоа, таа ги проблематизира односите со Грција, создава проблеми со двете стратешки цели на земјата. Државата нема да го дозволи ова. Министерството за труд и социјална политика не е нејзинн стан. И мене не ми се допаѓа проектот „Скопје 2014“, па одам во Министерството на работа. Таблата во МТСП е јавна исправа и никој не може да ја менува. Добивме официјална реакција од соседна Грција“, рече Димитров.

Тој му предложи на премиерот Оливер Спасовски доколку Мизрахи не ја врати таблата и не почне да го почитува уставот, да ја разреши. Министерот истакна дека Грција во нотата реагирала дека освен Мизрахи, и Наќе Чулев, министерот за внатрешни работи го прекршувал Преспанскиот Договор.

Димитров додаде и дека има елементи за кривична одговорност на техничката министерка по член 353 и член 390 од Кривичниот законик, но тоа е работа на други државни органи.

 

Слични содржини