Дополнителни илјадници евра за двајцата плус во Антикорупциска

од desk2

Дополнителните двајца членови во идната Антикорупциска комисија ќе ја чинат државата близу 160.000 евра, односно 78.000 евра по член. Ова се груби пресметки ако се земе предвид дека со новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси е предвидено претседателот на Комисијата да зема плата колку потпретседателот на Собранието или околу 1.500 евра, а членовите да земаат плата колку пратениците, или околу 1.300 евра. Ако претходно антикорупционерите земаа две и пол просечни плати, новиот Закон предвидува тие да земаат три и пол просечни плати. Сумата сепак зависи од висината на просечната плата во државата која на годишно ниво изнесува околу 23.000 денари, а моментално е околу 24.817 денари, пишува Независен.

Пресметките покажуваат дека на дополнителните двајца членови за пет години, колку што им е мандатот, ќе им бидат исплатени плати вкупно по 78.000 евра.

Иако согласно препораките на ГРЕКО бројот на членовите на Антикорупциската комисија требаше да се намали од седум на пет, сепак со новото законско решение што завчера беше изгласано во Собранието Комисијата ќе има претседател и шест членови. Според неофицијалните информации на вакво решение инсистирале од ДУИ бидејќи во концептот со седум члена загарантирани се две места (а не едно) за членови од албанската етничка заедница.Оние кои го следат патот на законското решение коментираат дека тие пари со коишто би се плаќале дополнителните членови би можеле да се вложат за други работи во функционирањето на Антикорупциската комисија, а прашање е каква вредност би имале овие двајца членови што не можат да ја имаат петте члена.

Антикорупциската комисија во Македонија не функционира од март минатата години или речиси една година нема кој да ја лови корупцијата. Комисијата се распадна по објавувањето на ревизорскиот извештај за финаниското работење на Антикорупциска. Ревизорите нотираа сериозни сомневања за малверзациите од страна на членовите, како фалсификувани сметки, лажни патни налози и нереални суми за изнајмување на станови во Скопје. Тогаш петмина од нејзините седум членови си поднесоа оставки, меѓу кои и тогашниот претседател Игор Тантуровски.

Законот, за чие усвојување беше потребно двотретински мнозинство, е донесен откако владејачкото мнозинство и опозицијата постигнаа согласност околу него, а власта прифати 20 од 40 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ. Новото законско решение доби поддршка од 81 пратеници.

Со прифатените амандмани нема промени во проширената надлежност на комисијата, на која инсистираше власта, но сепак се прават измени во однос на начинот како се пријавува незаконско финансирање на политичките партии и како се прави увид во сметките на носителите на јавни функции. ДКСК ќе има право на директен пристап до банкарските сметки и во над 60 други бази на податоци, но и тука власта прифати одредени измени во однос на првичното решение./Независен

целиот текст ТУКА

Слични содржини