Дуда: Преселувањето на „Вагнер“ во Белорусија е лош знак за Полска

од Vladimir Zorba

Трансферот на членовите на „Вагнер“ групата во Белорусија е негативен знак за Полска, изјави полскиот претседател Анджеј Дуда непосредно пред да замине на состанок со другите лидери на НАТО во Холандија.

„Гледаме што се случува, трансферот на руските сили, односно групата Вагнер во Белорусија. И нивниот шеф оди таму, и сето тоа се многу негативни сигнали за нас. Ќе разговараме за нив со нашите сојузници“, рече Дуда пред новинарите.

По договорот постигнат доцна во саботата со кој заврши бунтот на борците на Вагнер, им беше дозволено да се приклучат на редовните руски вооружени сили, да се преселат со нивниот водач Евгениј Пригожин во егзил во Белорусија или едноставно да се вратат кај своите семејства.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко потврди дека Пригожин е во Белорусија и додаде дека неговиот министер за одбрана Виктор Хренин го информирал дека не би имал ништо против единица како Вагнер да дејствува во рамките на белоруската армија.

Претседателот му наложи на Хренин да разговара за ова со Пригожин.

Лукашенко рече дека неговата земја сака да учи од военото искуство на руската платеничка група Вагнер.

„Ако нивните команданти дојдат и ни помогнат… тоа е непроценливо. Тоа е она што треба да го земеме од Вагнер“, рече Лукашенко.

„Белорусија не поставува кампови за руската платеничка група Вагнер, но ако сакаат, ќе ги сместат некаде“, ги пренесе во вторникот белоруската државна новинска агенција БЕЛТА, зборовите на претседателот Александар Лукашенко.

„Им понудивме една од напуштените воени бази. Ве молам, имаме ограда, имаме сè, само поставете ги шаторите“, рекол Лукашенко.

БЕЛТА ја објави и неговата изјава дека не планира да отвори центри за регрутирање на Вагнер во Белорусија.

Латвија и Литванија во вторникот го повикаа НАТО да ги зајакне нивните источни граници како одговор на очекувањата дека руската приватна компанија Вагнер ќе постави нова база во Белорусија по неуспешниот бунт дома.

„Овој потег треба да се оцени од поинаква безбедносна гледна точка. Ги видовме способностите на овие платеници“, рече летонскиот министер за надворешни работи Едгарс Ринкевичс за новинарите за време на посетата на Париз со неговите балтички колеги.

Литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис рече дека брзината со која Вагнер напредуваше кон Москва, возејќи стотици километри во еднодневната трка до главниот град, покажува дека одбраната на балтичките држави треба да се зајакне.

„Границите на нашите земји се на само стотици километри од овие активности, така што може да им требаат 8-10 часа за ненадејно да се појават некаде во Белорусија во близина на Литванија“, рече Ландсбергис. „Тоа создава понестабилна, непредвидлива средина за нашиот регион“.

„Мораме многу сериозно да ја сфатиме одбраната на балтичкиот регион“, рече тој.

Слични содржини