ДУИ бара „чешлање“ на сите функционери и претседатели на партии: Предлогот е применлив, но кој ќе го води и како?

од Nikola Popovski

Повторно се актуелизираше темата за ветинг на функционерите. Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи вчера го претстави предлогот од три точки на неговата партија за опозицијата да ги прифати уставните измени, додавајќи дека доколку се прифати, задолжително од утре да започне истрага за политичките партии, почнувајќи од претседателите до членовите на претседателствата и за сите останати носители на јавни функции со присуство на експерти на меѓународната заедница, за да се обезбеди објективност и транспарентност на истрагата. Истрагата, односно условот на ДУИ за овој вид на истрага, како што вели, има за цел објективност во процесот, со што би се оставило крај на политичките пресметки и неоснованите политички обвинувања на одредени субјекти за учество во криминални активности на носители на јавни функции.

Маргарита Цаца Николовска

Соговорници на „Локално“ ги поздравуваат ваквите предлози кои веќе подолго време кружат во јавноста, но засега нема ништо конкретно што би се презело. Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур и претседателка на Работната група за уставни измени, Маргарита Цаца Николовска не потсети дека ова е предлог кој што подолго време оди во јавноста од страна на ДУИ.

-Некои го ценат како политички чекор, други го ценат како чекор што сакаат работите да се расчистат. Во секој случај, доколку постои можност да се организира таква некоја истрага, каде што може да се утврдат факти, за кои што постојано обвинува меѓународната заедница, тогаш не е проблем, оценува Николовска.

Според неа, прашање е само како тоа ќе се организира, кој ќе ја води и како ќе ја води истрагата и како тие меѓународни експерти ќе учествуваат.

-Кај нас има институации кои што вршат истрага и предистражни дејствија, така да никогаш тоа не било проблем да се направи. Замислата за сето тоа е нешто кое што е проблематично во однос на како ќе се организира. Да не се излезе само да се зборува, а ништо да не се направи, објаснува судијката.

Претседателката на „Транспаренси Интернешнл- Македонија“, Слаѓана Тасева исто така се согласува дека е применлив предлогот на ДУИ, но бара да се донесе закон.

-Треба да се уреди со закон кој можат да го донесат со консенсус во итна постапка. Јас се нафаќам да помогнам, вели Тасева, нудејќи го своето искуство и експертиза на темата.

Од друга страна, универзитетскиот професор Гордан Калајџиев смета дека сето ова е „политички приказни“.

-Аман ова со странскиве истраги. Нека им текне нешто ново. Не е за сериозен коментар, изјави кратко за „Локално“.

Ветингот, во принцип се смета како последна опција за проверка на интегритетот и одговорноста, бидејќи се претпоставува дека во еден институционално организиран систем треба да функционираат сите механизми надлежни за тековна и континуирана проверка. Според домашни правни експерти, проверката не треба да се фокусира само на правосудството, туку и пошироко. Од земјите во регионот, Албанија спроведува ветинг од 2016 година, за кој многумина упатени сметаат дека не ги дава посакуваните ефекти. Ветингот кај нашиот сосед ги „испразни“ повеќето правосудни институции и парализира дел од нив. На пример, меѓу оние што не ги поминаа проверките на соодветните тела беа и шест од девет уставни судии, вклучително и претседателот, а институцијата не фунционираше повеќе од две години. Ветингот во Албанија е пролонгиран до 2024 година.

Н.П.

Слични содржини