ДУИ: Николоски и Мисајловски не присуствуваа на гласањето на препораката за прием на Косово во СЕ

од Nikola Popovski

ДУИ реагираше на вчерашното гласање на препораката за прием на Косово во Советот на Европа, забележувајќи дека двајца пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ не присуствувале на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ).

-ВМРО-ДПМНЕ, освен што планира изолација со Европската Унија, истото го сака и со соседните земји. Конкретно пратеникот, воедно потпретседател на ВМРО, Александер Николовски, ниту неговиот заменик Владо Мисајловски, не отпатуваа во Стразбур на седницата на Парламентарното собрание, на која беше изгласана препораката за прием на Косово во СЕ. Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за политиката на поделби и изолација на ВМРО и Мицкоски, притоа отворено прокламирајќи ја руската и српската политика во однос на Република Косово и Албанците, велат од партијата на Али Ахмети.

ДУИ ја повикува и здружената албанската опозиција да ги поддржи политиките и ставовите на нашите меѓународни партнери и да не промовира проруски политики кои сакаат да ја дестабилизираат Македонија и регионот.

Од листата на гласање може да се види дека меѓу пратениците што дале поддршка за извештајот се и двајца претставници од Македонија при Советот на Европа – Дарко Каевски од СДСМ и Арта Билали-Зендели од ДУИ.

За прием на Косово во Советот на Европа гласаа 131 од 171 присутен член на ПС на СE. Од 29-те претставници кои гласаа против препораката за членство, осум се од Шпанија, а седум се члена на српската делегација.

Слични содржини