DW: Неутралноста на комесарот Хан под лупа !

од Vladimir Zorba

Досега под лупа на јавноста беа само изјавите на комесарот Хан. Но, на дипломатска средба во Скопје било поставено и прашањето – дали тој има бизнис интереси во австриска компанија која работи во Македонија, прашува Дојче веле? хан грујо

Ги премина ли комесарот Јоханес Хан границите на неопходната неутралност во неговото медијаторство за решавање на македонската политичка криза? Ова прашање го наметна неговиот твит објавен веднаш по неуспехот на бриселската рунда разговори со македонската лидерска четворка: „Многу сум разочаран од недостигот на одговорност и лидерство од страна на некои“. Множината „некои“, набрзо ја релативизираше Иво Вајгл. Известувачот за Македонија од Европскиот парламент, во изјава за МИА истакна дека е бесен и разочаран од неуспешниот крај на 12-часовните разговори, бидејќи „тој еден што не бил подготвен за компромис, на крајот донел неуспех“. Со тоа портретот на „единствениот виновник“ лесно беше откриен. Прстот суптилно е вперен во лидерот на СДСМ, кој не отстапи од барањето за формирање преодна влада без учество на Груевски во неа.

Под нивото на задачата

Дали ваквите оценки од медијаторот и неговите помошници, се соодветен и кредибилен начин за градење на доверба со соговорниците во разговорите за излез од кризата и за детектирање на клучните проблеми во земјата? Според Мирјана Најчевска од Институтот за социолошко и политико-правни истражувања, начинот на водење на преговорите и дадените изјави, го прават Хан потполно несоодветен за дадената задача.

„Основен проблем во актуелниот преговарачки процес е перцепцијата на тоа кои се страните во разговорите и која е посакуваната цел? За Хан станува збор за спор меѓу две политички опции, а за голем дел од граѓаните станува збор за спор меѓу актуелната политичка структура и граѓаните. Едната страна тргнува од претпоставката дека Македонија е демократска држава, со легитимни институции кои постапуваат согласно со законите. За оваа страна има минорни проблеми кои можат да бидат надминати со наоѓање заеднички јазик и воспоставување доверба кон институциите. Другата страна тргнува од претпоставката дека Македонија не е демократска држава и дека институциите не функционираат согласно со законите. За оваа страна проблемите се толку суштински, што никако не можат да бидат разрешени со мали промени, туку со отстранување на актуелната владејачка структура и почеток на промени кои ќе доведат до услови за вонредни избори. Хан многу отворено застана на позицијата на првата страна и сите негови предлози и понуди се насочени кон шминкање на ситуацијата, кон минорни промени и воспоставување на ситуација која макар и на ниво на привид ќе изгледа како демократска. Начинот на водење на преговорите, исказите дадени во медиумите и на социјалните мрежи, го прават Хан потполно несоодветен за дадената задача“, децидна е Најчевска.

(…)

Но, дури и Хан да е „страна“, тоа не го ослободува од обврската да се однесува неутрално кон двете страни, чии позиции треба да ги доближи. Соња Стојадиновиќ, магистер по меѓународна политика, укажува на важноста од основните правила во медијаторството.

„Обврска на медијаторот, покрај решавањето на спорот, е да се однесува коректно, објективно, да не го коментира текот на преговорите, посебно ако преговарачкиот процес не е завршен. Ако од него е побарана изјава за медиуми може да одбие, или ако прифати – таа мора да биде максимално коректна, објективна, без никакви напади, осудувања, обвинувања и слично. Со коментарот на својот Твитер профил, а претходно и со неиздржаната изјава во текот на посетата на САД, комесарот Хан ја премина границата на коректно медијаторско однесување. Исто така, и со отвореното негирање на изборните неправилности во текот на последните парламентарни избори во Македонија кои беа нотирани и од неговата матична куќа, тој го доведе во прашање степенот на неговите познавања на ситуацијата и неговата неутралност во однос на политичката криза во Македонија“, вели Стојадиновиќ.

Се зависи од волјата за компромис

Сите овие забелешки ја наметнуваат дилемата – дали е време Македонија да добие специјален посредник, кој би бил длабоко посветен на целта, приврзан на стандардите што ги подразбира таа функција и пред се – неутрален?

„За кризата во Македонија уште на почетокот требаше да се одреди специјален посредник. Ако Унијата има намера навистина да понуди конкретно решение за кризата, треба да одреди неутрален преговарач кој има искуство со вакви кризи, кој има чиста биографија и целиот процес да го врати на почеток“, вели Стојадиновиќ.

Неизвесно е дали Хан може лесно да биде ослободен од сегашниот ангажман, со оглед дека неговото вклучување во процесот е со заклучок на Советот за надворешни работи, потсетува Клековски.

„Карл Билт, министер за надворешни работи на Шведска, во твит порача дека комесарот Хан треба да вложи дополнителни напори. Тоа е показател на ставот на ЕУ дека во догледна иднина смета на вклученoста на комесарот Хан и на пратеникот Вајгл.

(..)

„Очекувањата на опозицијата и проопозициската јавност се вклучување на претставник на меѓународната заедница, кој нема да биде медијатор, туку ќе биде сојузник, во популарниот речник ‘шумар’, кој ќе изврши притисок врз ВМРО-ДПМНЕ, за целосно да ги прифати барањата на СДСМ. Компромис од друга страна значи решение кое не ги исполнува целосните очекувања на страните“, укажува тој.

Во игра бизнис интереси?

Но, проблемот е во тоа што Хан веќе е прецепиран како „шумар“, само во спротивна насока од онаа што ја посочува Клековски, односно како „сојузник“ на власта кој врши притисок исклучиво врз опозицијата. Во таа насока на површина испливуваат и сомнежи за мотивација која можеби не е од политичка природа.

Перцепцијата дека Хан можеби не е доволно неутрален, не е само медиумска шпекулација, изјави вчера новинарот Васко Попетревски во дебатна емисија на ТВ „24 вести“, повикувајќи се на информации потврдени од дипломатски извори.

„Имено, вчера во Скопје, на еден од редовните координативни состаноци на амбасадори главно на земји членки на ЕУ, еден од претставниците на влијателна земја членка, го поставил прашањето за неутралноста на Хан, поточно за неговите бизнис интереси во фирмата ‘Новоматик’“, рече Попетревски. Во обид да се разјасни ваквото прашање прилично се вжештиле телефоните на релација Скопје-Брисел.

Австриската компанија „Новоматик“ позната во индустријата на игри, е присутна на македонскиот пазар како сопственик на казина. Покрај други, во март 2014 година таа стана сопственик и на казиното „Фламинго хотел“ кај Гевгелија. Менаџментот на компанијата тогаш соопшти дека станува збор за инвестиција вредна 20 милиони евра и најави нови инвестиции. Беше соопштено и дека компанијата веќе има инвестиции од 40 милиони евра во Македонија. Гостин на промоцијата беше Ники Лауда, легендарниот возач на Формула 1, кој е бренд-амбасадор на оваа компанија. „Новоматик“, како што објавија тогаш медиумите, во Македонија има четири одделни фирми. Освен „Фламинго“, ги поседува и казината „Адмирал“ и „Астра“ како и повеќе од 30 клубови со слот машини во речиси сите градови во Македонија.

Утврдувањето на фактите – дали има некаква наводна поврзаност на Хан со оваа компанија, е важно за се тргнат сомнежите дека очекуваната медијаторска неутралност не е жртвувана заради некои други интереси.

Слични содржини