ЕК ги отвори старите рани од корупцијата и судството: „Власта не направи ништо да ги тргне рацете, ниту судииите или обвинителите се одважија да направат нешто за да се изборат“

од Nikola Popovski

Владата го доби извештајот од Брисел за напредокот на земјава на европскиот пат. Во него содржани низа забелешки од Унијата дека нема напредок, особено во судството и борбата против корупцијата, кои и натаму остануваат горчлива тема. Во однос на судскиот систем, во извештајот на Комисијата се наведува тој се наоѓа помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка и оти нема напредок во однос на извештајниот период од една година. За Судскиот советот е посочено оти треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и треба да се спротивстави на секое надворешно влијание. За корупцијата, пак, се забележува дека останува распространета во многу области и ова прашање е загрижувачко. „Се зголеми одложувањето и пресвртите на судењата за случаи на корупција на високо ниво, што во некои предмети резултираше со застареност“, стои во извештајот. Во дел од извештајот е нотирана и потребата од брза имплементација на препораките од групата држави против корупција за да се зголеми транспарентноста на финансирањето на политичките партии. Измените на Кривичниот законик исто така се нотираат во извештајот.

Експертите со став дека алармот е вклучен оти работите не одат во вистински правец. Претседателката на „Транспаренси Интернешнл-Македонија“, Слаѓана Тасева во разговор за „Локално“ вели дека ова е првпат кога во извештаите на ЕК можеме да прочитаме јасни и прецизни заклучоци за тоа дека не е направен напредок. Од Брисел одбележуваат ако постои нешто добро и постигнато, но овој пат се многу критични и јасни дека не е постигнат напредок во борбата против корупцијата, посочувајќи ги препораките од ЕК и препораките од Греко, истакнува соговорничката.

Слаѓана Тасева

Посочува дека има проблеми и со финансирањето на партиите, во делот на работата на судовите дека има проблем, се потенцира предметот со разрешувањето на претседателката на Судскиот совет итн.

-Извештајот е пишуван од јули 2022 до јули 2023 година, но сепак таму ќе прочитате и дека измените на КЗ не се во добра насока и не е подобрување на законодавниот состав во сферата на борбата против криминалот и корупцијата. Таму посочуваат дека случаите се одолговлекуваат. За таквите случаи, за кои реално е потребно и повеќе време да се процесуираат пред институциите, сега се одземени можностите и да се постапува, со измените на КЗ и тоа е нотирано како лош развој на настаните. Сега немаме можност за справување со високата корупција – едноставно таа ќе остане амнестирана, смета Тасева.

Оценува дека очигледно е дека нема напредок ниту во стратегијата за реформа на правосудството, ниту во реформите на јавната администрација, ниту во работењето на ОЈО.

-Немаме на што да се потпре некој од било која власт да каже дека некој друг е виновен за тоа. Ова се системски проблеми и тие постојат долг период. Имаше повеќе препораки за тоа како да се надминат, но не се спроведе ништо од тоа што требаше за реформа во судството. Мислам дека тука е очигледно дека оваа власт не постигна ништо во владеење на правото и борбата против корупцијата, критикува претседателката на „Транспаренси“.

Смета дека имаме капацитет, но тој не е потребен затоа што не е составен дел од политиките на власт. Тврди дека тука се политичките, партиските и личните интереси на оние во власта.

-Некои луѓе се толку многу во власта и сега не сакаат да дозволат промена на состојбите затоа што тие се првите кои што ќе го почувствуваат тоа и да дадат отчет за она што го правеле – од аспект на одговорност во вршењето на власта, начинот на кој се стекнувале со имот. Големи се приказните и треба многу силна политичка волја, вклучувајќи и ветинг во судството, но очигледно ако се запазиме со владеење на правото, ќе имаме и ветинг во политиката, што мислам дека не е лошо, ни рече соговорничката.

Универзитетскиот професор по кривично право, Гордан Калајџиев се согласува дека освен празна реторика, власта не направи ништо да ги тргне рацете од судството, ниту па судииите или обвинителите се одважија да направат нешто за да се изборат за местото што за нив го предвидува Уставот. Во разговор за „Локално“ вели дека срамот што се случи при изборот на јавен обвинител за организиран криминал и корупција во оваа смисла беше навистина поразителен.

Гордан Калајџиев

-Ние значи не само што имаме значајни системски проблеми, туку имаме и базични вредносни проблеми, па затоа владеењето на правото се заменува со прагматична корупција, истакнува тој.

Бара Судскиот совет да се распушти со колективна оставка и да се изберат вистинските луѓе со углед, интегритет и искуство.

-Треба да се размисли овој модел да се напушти не затоа што е лош како модел, туку затоа што кај нас криво е израснат и сега се тера по таа крива патека што не влече назад, укажува Калајџиев.

Околу судењата вели дека сега погрешно се перцепираат како некаква најслаба точка во борбата со корупцијата, а измените во КЗ како главна причина за застарување на предметите.

-Промената на КЗ само ги изостри проблемите кој постојат со години па и децении. Не може судењата да траат по 4, 5 и повеќе години. Тоа веќе не е правда. И никому ништо?! Па скоро објави ЈО на РСМ дека ќе испита зошто обвинителите се една од главните причини за одлагање на судењата! И?! Се тресе гората, се роди глувче… Прво што треба да се направи е да се сменат сите претседатели на судовите поставени политички. Кандидатите за нови претседатели да ги предлагаат самите судии по тајно гласање, анализира соговорникот.

Дециден е дека еден совет за реформи би можел да помогне ако добие време за сериозен пристап кон сериозни реформи.

-Искуството ни покажува дека политичарите сакаат сето тоа да се подготви и изведе на брзина и тоа е една од причините за неуспехот на многу реформи досега. Ако се најде министер за правда што ќе се нафати на ова, треба да му се даде време и подршка, а кај нас министрите не траат повеќе од две години, предложува Калајџиев.

Професорот се осврнува и на условите во затворите во земјава.

-Европскиот извештај ги посочува проблемите во затворите. Тука мора под итно нешто да се направи. Амнестијава ваква каква се предлага нема да помогне многу, заклучува Калајџиев.

Н.П.

Слични содржини