ЕК го истражува луксузниот моден бренд Гучи, претреси во просториите

од Stefanija Kuzmanovska

Италијанската финансиска полиција ги пребарала објектите на производителот на луксузни стоки „Гучи“ како дел од истрагата на Европската комисија во неколку земји за можни прекршувања на прописите за конкуренција, велат извори, а потврдила и компанијата.

Во соработка со агентите на Европската комисија, Guardia di Finanza ги пребарала објектите на „Гучи“ каде се произведуваат патни торби, чанти и други кожни производи, рекоа информирани извори. Францускиот сопственик на „Гучи“, Керинг, ја потврди веста на „Ројтерс“ за истрагата во Милано.

„Француската групација (за луксузни стоки) целосно соработува со Европската комисија во контекст на истрагата“, се вели во соопштението на Керинг.

ЕК во вторникот објави дека регулаторите ги пребарале објектите на компаниите од модниот сектор во неколку земји на ЕУ.

„Комисијата се сомнева дека компаниите можеби ги прекршиле правилата за конкуренција на ЕУ кои забрануваат картелско здружување и рестриктивни деловни практики, вклучувајќи хоризонтални и вертикални здружувања“, се вели во соопштението објавено во вторникот.

Во согласност со политиката, таа не ги именуваше компаниите или земјите каде што се води истрагата. ЕК испрати барања до компании кои работат во модниот сектор, барајќи информации, велат изворите.

Доколку бидат прогласени за виновни за прекршување на регулативите на ЕУ, компаниите би можеле да бидат казнети до 10 отсто од глобалниот промет, потсетува „Ројтерс“.

Европската комисија не одговори на барањата за коментар за истрагата во средата. Ден претходно таа само изјави дека последната истрага не е поврзана со истрагите во модната индустрија во последните две години.

Во јануари 2022 година, ЕК објави дека истражува можно прекршување на прописите на ЕУ за онлајн и прекугранична продажба во договорите за лиценцирање и дистрибуција што француската модна куќа Pierre Cardin ги склучи со германскиот производител на облека „Алерс“, потсетува „Ројтерс“.

Уште една истрага беше најавена кон средината на минатата година по претресите на некои модни компании, фокусирана на група дизајнери кои повикаа на промени поврзани со периодите на продажба и попусти, тврдат добро упатени извори.

Слични содржини