Екоцентар 97: Винил хлоридот од ОХИС е преточен во нова цистерна

од Берта Китинска

Во врска со “Проект за безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД “ОХИС” Скопје”,  Винил Хлорид Мономер (“ВЦМ”) беше безбедно и комплетно преточен од старата вагонска цистерна во нова цистерна, велат од Екоцентар 97 ДООЕЛ Скопје.

Оттаму велат дека преточувањето е извршено од страна на експертскиот тим на CURIUM од Франција, додека пак тимот на Екоцентар 97 бил во надзор и техничка поддршка во целиот процес.

„Работните активности се одвиваа 9 дена, во една или две смени во зависност динамичкиот план. За преточувањето беше користена најсовремена опрема донесена од Франција која што секојдневно се тестираше и инертизираше со Азот пред употреба, со цел ВЦМ да не дојде во контакт со кислород и да се избегнат несакани последици по здравјето на луѓето или по околината.

Преточувањето на ВЦМ се одвиваше во три фази, односно преточување на течна фаза, преточување на гасна фаза и целосна инертизација на старата вагонска цистерна во која што беше складиран ВЦМ со цел да се елиминираат сите остатоци од истиот. При целата постапка на преточување се вршеше континуирано мерење на притисок во цистерните, како и мерење на концентрација на ВЦМ во воздухот непосредно до вагонската цистерна со ВЦМ и до сите вентили со детектор за гас кој што покажуваше 0ppm и експлозиометар кој што покажуваше 0% експлозивност. Ве информираме дека во текот на преточувањето не беа испуштени штетни гасови во околината.

По завршување на преточувањето беа отворени сите вентили и челниот отвор на старата вагонска цистерна. Повторно беше извршено мерење на токсични гасови и експлозивност непосредно до вентилите на вагонската цистерна од страна на експертскиот тим на CURIUM, при што не беше детектирано присуство на ВЦМ во воздухот што е знак за комплетно преточување и успешно инертизација.

Во текот на преточувањето, два пати беше извршен контролен инспекциски надзор од страна на Државниот Инспекторат за Животна Средина, беше подготвен записник за сите активности кои што се одвиваа и не беа забележани неправилности. Исто така беше извршена контрола од страна на стручно лице за Безбедност и Здравје при Работа при што беше констатирано дека сите присутни носеа соодветна опрема за заштита при работа со опасни материи. За време на преточувањето, се вршеше надзор и контрола од страна на консултантската куќа Екомозаик и претставник на АД Охис во стечај.

Со оваа активност целосно се заврши преточувањето на ВЦМ од стара вагонска во нова цистерна. Секојдневно се следи притисокот во новата цистерна во која е преточен ВЦМ и истиот варира помеѓу 4.5 и 5 бари во зависност од дневната температура. Со оглед на тоа што цистерната е тестирана на 25 бари, од страна на стручниот тим на CURIUM беше констатирано дека истата е сосема безбедна и нема потреба од понатамошно ладење. Новата и старата цистерна остануваат под 24 часовно обезбедување се додека новата цистерна извезе, а старата цистерна не се врати во фактичко владение на АД Охис во стечај. Планирано е цистерната со Винил Хлорид Мономер да се транспортира до инсенераторот во Германија во почетокот на октомври 2020 година.

Потсетуваме дека најголем дел од опасниот отпад под Проектот за Безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД “ОХИС” Скопје” е веќе успешно дислоциран, односно извезен за уништување во инсенератори во ЕУ. Останатата количина на хемиски супстанции од околу 10 тони се спакувани во АДР амбалажа соодветна за меѓународен транспорт и уредно складирани во магацин во рамки на ОХИС. За преостанатиот отпад веќе беа обезбедени сите потребни дозволи за прекугранично пренесување на опасен отпад, но за жал дозволите истекоа поради ситуацијата со Коронавирус кога не бевме во можност да организираме извоз. Постапката за вадење на нова дозвола е веќе започната и очекуваме дозволи од надлежните органи на сите транзитни земји, како и на земјите на извоз и увоз, велат од Екоцентар 97 ДООЕЛ Скопје.

Слични содржини