Есмеров: Про-ЕУ ориентираните во ВМРО-ДПМНЕ се надвор од партиските структури и не учествуваат во донесувањето на одлуките

од Nikola Popovski

Јас искрено не можам да разберам кој е вистинскиот став на ВМРО бидејќи во деновите кои следеа после лидерската средба можевме да слушнеме сосема спротивни ставови од оние кои произлегоа од лидерската, вели за „Локално“ поранешниот амбасадор во Унгарија и поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Есмеров за состојбите во најголемата опозициска партија.

Според него, тоа е разбирливо, бидејќи се работи за предизборно позиционирање на политичките партии и обид да се привлече секој глас, што е легитимно.

-Сепак, во оваа ситуација се работи за стратешки интерес на Македонија за отпочнување на преговори со ЕУ и многу е важно овој процес да започне истовремено, во пакет со Албанија. Во овој момент ни оди во прилог и кризата на европско тло, што резултира со зголемен интерес на самата ЕУ за интегрирање на преостанатите црни дупки на заедницата. Доколку овие промени на уставот не се случат до септември оваа година, Македонија ќе го пропушти и овој воз и ќе биде префрлена на друг, многу понеизвесен колосек, но поучени од минатите искуства, можно е и во самата ЕУ да се намали интересот за проширување, потенцира Есмеров.

Втората опција, како што вели Есмеров, е да се изгласа промена на уставот после изборите, но тоа носи многу неизвесност и можност за одложување на почетокот на преговорите на неодреден период.

Во однос на тоа дали постои некаква борба за превласт во партијата, соговорникот порачува дека моментално не постојат ниту фракции, ниту крила во партијата, односно како што укажува, тие што условно кажано се про-ЕУ се надвор од партиските структури и не учествуваат во донесувањето на одлуките, така што целата одговорност за одлуките лежи во партиските структури кои ја водат партијата.

Есмеров не го разбирам ставот за одложено дејство на уставните измени на лидерот на опозицијата, ниту разбира што би се постигнало со тоа.

-Повеќе мислам дека се работи за обид за ретерирање од првично искажаните ставови по лидерската средба. Ако имате предвид дека Бугарија во било кој дел од преговарачкиот процес може да стави вето, ако имате во предвид дека Бугарија е рамноправна членка на ЕУ и ако ја имате во предвид солидарноста на ЕУ во рамките на унијата, тогаш е сосема ирелевантно одложеното дејство на уставните измени, посочува поранешниот македонски амбасадор и додава дека не би го коментирал ставот на САД и Европската комисија, но поучени од минатите искуства, подобро би било да ги послушаме нивните совети.

Смета дека предлогот на ДУИ за ветинг и мешање на меѓународни експерти и институции во внатрешните државни истраги е маркетиншки потег и објаснува дека не му е јасно според кои македонски закони ќе се спроведе тоа.

-Се сеќавате на Специјалното јавно обвинителство со кое се воведе преседан на двоен обвинителски систем во државата по што следеше хаварија која довербата во судско-обвинителскиот систем од околу 60% во 2014та година се сведе на 6%. Ако сте власт и имате поставено министер за правда, поставувате обвинители и судии, а истовремено повикувате странци да ви вршат истраги, значи не сте ја оправдале довербата која сте ја добиле на избори, анализира Есмеров.

На фактот што Мицкоски во последниов период е на релација Будимпешта, како и негови сопартијци, со цел помош од Орбан и неговата ФИДЕС во изработка на идната партиска програма, соговорникот не гледа апсолутно никаков проблем доколку ВМРО соработува со ФИДЕЗ.

-Напротив, од ФИДЕЗ многу може да се научи за начинот на водење на државата и управување со ресурсите. Сепак, изборот на ФИДЕЗ и дво-третинската доверба која ја добиваат на сосема легитимни избори неколку пати по ред доволно кажува дека унгарците се задоволни од нивната политика, ни рече Есмеров.

Премиерот вчера на Мицкоски му го понуди неговото место во замена за уставните измени, од ВМРО-ДПМНЕ велат не се заинтересирани

Премиерот Димитар Ковачевски вчера порача дека е подготвен да му ја предаде премиерската функција на лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а за возврат да ги поддржи уставните измени неопходни за продолжување на преговорите со ЕУ.

Ковачевски ова го изјавил на брифинг со новинарите, нагласувајќи дека тоа ќе значи дека Мицкоски ќе треба да го стави својот потпис на веќе изготвените нацрт-уставни амандмани, со кои Бугарите ќе бидат внесени во Уставот.

-Јас сум потписник на предлогот за уставни измени. Ако некој од ВМРО-ДПМНЕ сака да ја има таа чест, со задоволство ќе му ја дадам, рекол Ковачевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека немаат намера да учествуваат во лицитациите на Ковачевски, Османи и Груби.

-Имавме јасни позиции, од тоа нема поместување. ВМРО-ДПМНЕ има премногу јасни позиции и од тоа нема поместување. Несериозно е продолжувањето со лицитации, кое само покажува дека СДС ниту биле искрени, ниту пак имаат намера да ги заштитат националните интереси, ниту пак вистинска интеграција. За нив ова е борба за функции и за преживување и одбегнување на кривично гонење. Ковачевски треба да знае дека функциите ниту му се во џеб, ниту тој е тој која дава или зема, тоа го прави само народот на избори, велат од најголемата опозициска партија.

Претходно, најголемата албанска партија, ДУИ објави дека се согласила да ја напушти Владата, што е еден од условите на опозициската ВМРО ДПМНЕ да ги поддржи уставните измени.

Предлогот за уставни измени моментално е во Министерството за правда, а се очекува до крајот на месецов да бидат испратени до Собранието.

Н.П.

Слични содржини