Evergrande пред банкрот

од Vladimir Zorba

Кинеската компанија за недвижности Evergrande е на само неколку дена до банкрот, а тоа е закана за целиот гигантски сектор, цените на куќите и кинеската економија, како и глобалните финансиски пазари. Evergrande, кој должи 305 милијарди долари, има рок до сабота да плати 83,5 милиони долари камата за обврзници.

Се чини дека спасувањето на втората по големина кинеска компанија за недвижности е во мирување, па банкротот е најреалната опција. Evergrande веќе го искористи грејс -периодот од 30 дена, откако го пропушти рокот за плаќање камата во септември, потсетува „Гардијан“. Оттогаш, оттаму пропуштија други обврски од уште 193,3 милиони долари.

Приватната компанија Evergrande, основана во средината на 1990-тите, се обидува да исплати дел од своите заеми со продажба на средства, а се очекува приоритет да имаат кинеските кредитори. Акциите на компанијата загубија околу 80 проценти од вредноста на берзата во Хонг Конг, а нивното тргување беше прекинато на 4 октомври, во очекување на решение за неликвидност.

Постојат знаци дека процесот на спасување на Evergrande не се одвивал според планот, со што се зголемила можноста Пекинг да го пушти овој гигант „низ вода“, и дека повеќето негови работни места и обврски ќе бидат преземени од државните компании. Обидот да се продадат 51 отсто од имотот на Evergrande на друга кинеска компанија за 2,6 милијарди долари беше запрен поради одбивање од страна на провинциските власти во Гуангдонг.

Од истата причина, планот на компанијата да ја продаде административната зграда во Хонг Конг за 1,7 милијарди долари пропадна. Зад овие проблеми стои ситуацијата на кинескиот пазар на недвижности, кој сочинува околу 25 проценти од националната економија. Вредноста на продажбата на куќи падна за 16,9 проценти во септември и 19,7 проценти во август, според проценката на „Блумберг“.

Покрај Evergrande, десетина кинески компании, вклучително и China Properties, заостануваат соплаќање на долгови во вкупна вредност од 7,3 милијарди долари, според податоците на CRIC. S&P Global го намали кредитниот рејтинг на две големи компании, Grenland и E-house Enterprise, минатата недела. Очекуваниот банкрот на Evergrande може да предизвика лавина неликвидност кај најзадолжените компании во секторот за недвижности.

Аналитичарите на S&P Global проценуваат дека ситуацијата се заканува да ги открие ликвидносните проблеми на другите големи кинески компании кои слично го проширија својот бизнис во претходните децении. „Ако Evergrande не ги исполнува условите, може да има заразни ефекти врз другите компании, цените на куќите и економијата“, вели S&P Global.

Новите цени на недвижностите во најголемите кинески градови паднаа во септември за прв пат од април 2015 година и се знак за слабоста на целата индустрија за недвижности во земјата, според „ФТ“.

Слични содржини