Европската комисија е задоволна од мерките на македонските власти по инцидентите со навивачите на Левски

од Nikola Popovski

Европската комисија е задоволна од чекорите и преземените мерки на македонските власти по инцидентите во Скопје меѓу приврзаниците на бугарскиот фудбалски клуб „Левски“ и полициските службеници, како и прободувањето со нож на бугарскиот фан во скопската населба Чаир.

Ова е јасно од одговорот што Бугарското национално радио (БНР) го добило од Европската служба за надворешни работи.

Ги следиме настаните и забележуваме дека се преземени чекори од надлежните органи. Не коментираме тековни истраги или судски постапки, стои во реакцијата на европската институција.

Инцидентите се случија на 27 јули – пред, за време и по натпреварот меѓу Шкупи и Левски.

Приврзаниците на бугарскиот тим се пожалија дека биле нападнати од локални граѓани во Чаир. Еден од Бугарите беше ранет со нож, иако министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски информираше дека навивачите на Левски први испровоцирале конфликт, влегувајќи во вербална расправија.

Полицијата уапси 19 Бугари. Некои беа обвинети за напад врз полицајци на стадионот „Тоше Проески“. Навивачите подоцна беа ослободени откако другите навивачи ги платија казните.

Во пресрет на утрешниот реванш меч меѓу двете екипи во рамките на квалификациите за Конференциската лига, УЕФА забрани присуство на гостински навивачи и му забрани на Левски да продава карти на фанови на Шкупи или лица од Македонија кои ќе допатуваат во Софија.

Слични содржини