ФЕД ја зголеми каматната стапка за прв пат од 2018 година

од Vladimir Zorba

Федералните резерви на САД (ФЕД) ја зголемија референтната каматна стапка за четвртина процентен поен или 25 базични поени во опсег од 0,25 до 0,5 отсто.

Ова е прво зголемување на каматната стапка на американската централна банка од декември 2018 година и првпат каматната стапка да се подигне од речиси нула, на коja беше спуштена пред точно две години, во март 2020 година.

Комитетот за операции на отворен пазар (FOMC), кој одлучува за монетарната политика на САД, најави уште шест покачувања на стапката до ниво од 1,9 отсто, пренесе CNBC.

Тоа е за цел процентен поен повеќе од најавеното во декември. FOMC, исто така, предвидува уште три зголемувања во 2023 година, а ниту едно следната година.

Одлуката за зголемување на референтната каматна стапка беше изгласана само со еден глас против. Претседателот на филијалата на ФЕД во Сент Луис, Џејмс Булард побара стапката да се зголеми за 50 базични поени.

Во однос на билансот на ФЕД од речиси 9,0 трилиони долари, кој главно се состои од државни обврзници и хипотекарни хартии од вредност купени во последните години, FOMC објави дека одлуката за почеток на намалување на нивото на билансот ќе биде донесена на следниот состанок.

Претседателот на американската централна банка, Џером Пауел на прес-конференција – по дводневната средба што заврши синоќа – навести дека намалувањето на билансот може да започне во мај, кога се очекува ново зголемување на каматите.

Членовите на FOMC ја зголемија својата прогноза за инфлација. Тие сега очекуваат базичната инфлација, која ги исклучува цените на храната и енергијата, да порасне на 4,1 отсто оваа година, во однос на 2,7 отсто во декември минатата година.

Слични содржини