Финска размислува да воведе посебни класови во основните училишта за деца со деструктивно однесување

од Симе Стоиков

Финската влада предложи формирање хибридни единици за учење во основните училишта за да им се помогне на децата склони кон насилство, објави денеска финскиот јавен сервис „Иле“.

Во предлогот на народниот правобранител за детски прашања, Елина Пекаринен, се наведува дека специјалните единици би биле екипирани од стручни лица кои би давале насочена поддршка на проблематичните деца.

Министерката за образование Ана-Маја Хенриксон рече дека се согласува со идејата да се користат психијатри и специјалисти за работа со деца кои се насилни и самоуништувачки.

„Предлогот треба да се сфати сериозно. Треба да испитаме и размислиме како тоа би можело да се спроведе и на кој начин. Освен превентивни мерки, потребни ни се подобри алатки за да интервенираме во сериозни ситуации“, рече Хенриксон.

Претходно, финскиот премиер Петери Орпо ја изрази својата поддршка за предлогот на народниот правобранител, велејќи дека децата кои се однесуваат насилно треба да бидат отстранети од училниците и испратени во хибридни единици.

Финскиот закон предвидува дека секое дете има основно право на пристап до јавно образование, без оглед на училишниот успех или физичките потреби, па дури и злосторствата што можеби ги направиле, што значи дека децата не можат да бидат исфрлени од образовниот систем, без оглед на нивното однесување.

Во Финска се води дебата за тоа како подобро да им се пристапи на децата со проблематично и деструктивно однесување, откако 12-годишник уби еден и повреди двајца ученици во училиште во Финска.

Слични содржини