Фон дер Лејен: Украина се бори за безбедноста на целиот наш континент, затоа зад себе ја има целата ЕУ

од Stefanija Kuzmanovska

Денеска се одбележува мрачна годишнина, но исто така е моментот да се препознае извонредната моќ на отпорот на украинскиот народ на руската брутална инвазија на Украина, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен од Киев каде допатува денеска на двегодишнината од стартот на руската агресија врз земјата, како израз на солидарноста и поддршката на ЕУ.

„Вие, Украинците, му ја покажавте на светот вашата храброст и дека вашата борба за слобода е важна. Вие се борите за безбедноста на целиот наш континент. Затоа зад себе ја имате целата Европска Унија. Повеќе од кога било, ние цврсто стоиме покрај Украина, финансиски, економски, воено и најмногу морално, додека вашата земја конечно не се ослободи“, нагласи Фон дер Лејен на заедничката прес-конференција со премиерите на Белгија, Александер Де Кро, Италија, Џорџа Мелони и на Канада, Џастин Трудо, кои ја придружуваат при посетата, и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Фон дер Лејен најави дека следниот месец на Киев ќе му бидат исплатени првите 4,5 милијарди евра од Механизмот за поддршка на Украина во вкупна вредност од од 50 милијарди евра за следните четири години, наменети за спроведување на украинскиот План за реформи и за инвестиции.

„Гледајќи напред кон иднината, Украина мора да има средства да се брани денес. Тоа е клучно за вашата безбедност и секако за безбедноста на Европа во целина. Затоа сакаме да ги зајакнеме одбранбените капацитети на Украина“, изјави Фон дер Лејаен најавувајќи дека за три недели ЕК ќе ја претстави новата Стратегија за одбранбена индустриска база, со која ќе се предвиди интегрирање на Украина во европски одбранбени програми.

Руските сили ја нападнаа Украина на 24 февруари 2022 година, започнувајќи ја најголемата воена офанзива во Европа по Втората светска војна, што резултираше со најмалку 10.000 цивилни и стотици илјади воени жртви, 3,6 милиони внатрешно раселени лица и 6,3 милиони украински бегалци во други земји.

Слични содржини