Франција најави донација на сопствени залихи на вакцини за сиромашните земји

од Stefanija Kuzmanovska

Франција ќе донира првични 100.000 дози вакцина „AstraZenecа“ на земјите во развој во април, што ја прави првата членка на Европската унија што испраќа свои залихи на вакцини до иницијативата COVAX за сиромашните земји, соопшти официјален претставник во средата.

Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика членките на ЕУ да испратат пет проценти од сопствените залихи на вакцини во земјите во развој за да се спречи развојот на нови варијанти и да се спречи Русија и Кина да добијат дипломатска предност со споделување на вакцините.

„Франција ќе започне европски механизам за споделување вакцини со COVAX“, рече во средата советник на Макрон, додавајќи дека се надева дека другите земји ќе се посветат на споделување на вакцината со COVAX.

Програмата COVAX, со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО) и Глобалната алијанса за вакцини и имунизација (ГАВИ), се обидува да обезбеди две милијарди дози вакцини на сиромашните земји до крајот на 2021 година.
Иницијативата COVAX во март објави дека има за цел да испорача 237 милиони дози на „AstraZeneca“ во 142 земји до крајот на мај, а исто така ги испорача и првите дози на Pfizer.

Француските власти изразија загриженост дека развиените земји, кои се обидуваат да го вакцинираат своето население во најбрз можен рок, се обврзаа само на финансиска помош за COVAX и се воздржуваат од испраќање дози од сопствените резерви. Франција вети дека ќе испрати 500.000 дози на вакцина до средината на јуни, додаде францускиот официјален претставник.

Првата пратка на вакцината „AstraZeneca“, која ќе биде земена од очекуваните испораки на вакцини за Франција, „веднаш“ ќе биде испратена до COVAX, додаде советникот на Макрон.

Слични содржини