Георгиески: Се чистат бреговите Горица 1 и Канео, праксата на градење бизниси на сметка на општината ќе запре

од Nikola Popovski

Општина Охрид останува посветена на исполнување на препораките од УНЕСКО и продолжува со отстранување на бесправните градби кои го узурпираат охридското крајбрежје. Во рамки на своите можности и помошта од „Македонија Пат“ Општина Охрид ќе ги ослободи плажите за туристите, посетителите, граѓаните на кои претходно им се наплаќаше паркинг, влез и лежалки, објави градоначалникот на општима Охрид, Константин Георгиески.

Според него, оваа пракса на градење бизниси на сметка на општината мора да се запре.

„Токму затоа во наредниот период започнуваме со интензивни активности за чистење на бреговите „Елешец“, Студенчишта“ кон „Горица 1“ и плажите во делот на населбата на „Канео“, кои се опфатени во Генералниот урбанистички план.Општина Охрид повторно апелира дека во овој процес никој нема да биде поштеден. Воедно ги поканувам еколошките здруженија кои будно ги следат состојбите во Охрид да се вклучат во целиот процес и да помогнат околу уредувањето на плажите“, наведува градоначалникот.

Градоначалникот ги повика уште еднаш сопствениците со истечени договори за концесија на плажите самите да ги отстранат објектите, а сподели дека некои од фирмите оствариле и висок приход.

„Фирма концесионер на плажа за период од четири години, кога немала активен договор за концесија, остварила приход од 190 милиони денари. Друга фирма која стопанисувала со плажа, исто така без договор за концесија, за истиот период остварила приход од 59 милиони денари, а трета фирма за стопанисување на плажа без договор остварила 14 милиони денари, а прикажала расход само за двајца пријавени работници на месечно ниво“, изјави тој на денешната прес-конференција.

Ваквата изјава следи откако вчера УНЕСКО го објави целосниот извештај на Реактивната мониторинг мисија која го посети Охридскиот Регион во јануари минатата година. На 125 страници детално се посочуваат сите неправилности околу грижата и заштитата на Охридското Езеро и во Северна Македонија и во Албанија. Во извештајот се бара забрзано спроведување на десетици препораки упатени до властите во двете земји, уривање на веќе изградените дивоградби и безусловно почитување на мораториумот за градба на крајбрежјето. Како резултат на континуирана деградација на културното и природното наследство на регионот, во него се испраќа јасна препорача: Охридскиот Регион да се стави на листата на светско наследство во опасност.

Слични содржини