Google покажа како ќе изгледа Pixel 4

од Vladimir Zorba

Во последните денови на Интернет се појавија многу информации за серијата смартфони Pixel 4, која се очекува наесен, а освен тоа видовме и рендер на задниот дел на еден од моделите кој покажа сличност со наводниот дизајн на iPhone 11. Во меѓувреме Google очигледно одлучиле дека во мрежата „истекле“ доволно информации и одлучиле да ги прекинат шпекулациите, откако ќе ни покажат како ќе изгледа Pixel 4.

На фотографијата се прикажува задниот дел на уредот и изненадувачката зона за камерата, која е квадратна. Тука забележавме две леќи, блиц и неколку други сензори. Сензор за отпечатоци недостасува, што сугерира дека тој може да е вграден во екранот или пак да е заменет од друго решение за биометриска автентикација. Вчера видео на Unbox Therapy навести дека Pixel 4 XL нема да има „пресек“ на екранот, а во рамката ќе има систем за препознавање на лицето.

Интересно, компанијата конечно одлучи да додаде втор сензор на главната камера, бидејќи досега се држеше до една и тоа со одлични резултати. Софтверските алгоритми за обработка на слики на компанијата успеаја да обезбедат импресивни слики со само еден сензор и интересно е да се види како додавањето на втор ќе ги подобри фотографските можности на телефонот.

Се надеваме, наскоро ќе дознаеме повеќе за уредот. Минатата година сè за Pixel 3 беше познато неколку месеци пред премиерата а, исто така, во Украина се продаваа уреди од украдената серија од фабриката Foxconn.

Слични содржини