Градинките започнаа со анкета за враќање на децата, вработените ќе прават тест за коронавирус

од Берта Китинска

Голем дел од градинките пополека се подготвуваат да ги отворат вратите за згрижување на малите дечиња.

Дел од нив веќе телефонски или по писмен пат им поставуваат прашања на родителите, за тоа дали имаат потреба веднаш да бидат згрижени нивните дечиња во градинка,штом се укине мерката за отсуство од работа на еден родител на дете до 10 години.

И додека воспитно-образовните установи се подготвуваат да ги отворат вратите,министерто за здрвство најавува дека во тек е подготовката на протоколите за тоа на кој начин ќе се одвива згрижувањето на дечињата.

Од наредната недела ќе се прават околу 400-500 тестови согласно индикациите за критични групи. Преку PCR-тестови во првата група ќе бидат опфатени вработените во градинките, здравствените работници и вработените во домовите за стари лица.

„Кога децата ќе се вратат во градинките, треба да бидеме сигурни дека нема асимптоматски носители на вирусот кај вработените во градинките. Истото важи и за здравствените работници и вработените во домовите за стари лица, тие ни се приоритетна група“, рече Филипче.

Воедно министерот напомена дека враќањето на децата во градинка ќе биде во пакет со враќањето на родителите на работните места.

Епидемиолози сметаат дека потребно е да се направат задолжителни тестови за коронавирус, на варботените во градинките и бидејќи тешко да се направи социјална дистанца помеѓу децата како и носење на маски треба групите да се преполоват.

Вчера во Општина Карпош, започна процес на дезинфекција и чистење на душеците од креветчињата во градинките.

Во рамки на оваа акција, ќе се изврши дезинфекција и на теписите, откако претходно целосно се дезинфицираа и просториите во претшколските установи. Овој период, додека дечињата се во своите домови, се користи за максимално да се подигне нивото на хигиена во објектите.

Во таа насока, компанијата „Clean Max“, која е овластена за спроведување на највисоки стандарди за хигиена и заштита, денеска ги дезинфицираше душеците од креветчињата во градинката „Орце Николов“ во Карпош 4.

Градоначалникот Стефан Богоев ги истакна придобивките од дезинфекцијата на душеци и теписи и истакна:

– Пандемијата со коронавирус не натера сите да водиме поголема грижа за личната и јавна хигиена. Нашата цел е овој тип на активности да продолжат и после Covid – 19. Затоа што оваа дезинфекција ги штити најмладите од секојдневни вируси, бактерии и спречува појава на алергии и астма, рече Богоев.

Од Министерството за труд велат дека градинките ќе бидат отворени кога ќе биде безбедно, и дека приоритет е зачувување на здравјето на децата и на вработените во градинките.

Слични содржини