Груби: Сите што сакаат европска Македонија утре ќе гласаат за Законот за Јавно обвинителство

од Aleksandar Todeski

Повеќе не се преговара за дво-третинско мнозинство, сите оние кои сакаат, утре ќе гласаат, рече пратеникот на ДУИ, Артан Груби на прес конференција во Собранието.

„Веќе не се преговара, оние кои ќе гласаат за дво-третински закони ќе гласаат, јас се надевам дека Беса и Алијанса за Албанците ќе го променат своето мислење и ќе дадат глас за Законот за Јавно обвинителство, за да не дозволиме било какво оправдување од страна на земјите од Европската Унија. Сите сме се изјасниле дека ќе ги поддржиме Законот за ЈО и Законот за одбрана. Се надевам дека утре сите оние кои сакаат европска Македонија утре ќе се поредат и заедно со нас ќе гласаат“, рече Груби.

Тој додаде дека денеска на дневен ред би требало да ги усвојат законите за Советот на јавни обвинители како и Законот за АВМУ и други закони, меѓу кои и Законот за одбрана.

Груби е задоволен што се прифатило барањето за израмнување на Изборните единици, со што Маврово и Ростуше целосно се префрлаат во петтата Изборна единица и се исполнува уште една препорака на ОБСЕ и ОДИХР уште од 2014 година.

„ДУИ е задоволна околу измените во ИЗ кои беа прифатени консензуално од сите политички партии. Апсолутно никогаш ИЗ не бил услов за друг Закон, туку беа паралелни процеси со волја и ангажман на сите политички партии“, рече пратеникот на ДУИ.

Тој посочи дека ДУИ не може да дозволи непочитување на Рамковниот и Преспанскиот Договор, двојазичноста и Уставното име на Република Северна Македонија, затоа што според него, тоа ќе ги наруши условите за добивање преговори.

„Не смее да се дозволи таква пракса која ќе ги наруши условите за земјата“, нагласи Груби.

А.Т.

Слични содржини