Груби: Законот за ЈО има позитивни решенија, се надевам на консензус од сите партии

од Aleksandar Todeski

Законот за Јавно обвинителство пристигнал во Комисијата за европски прашања утрово, потври претседателот на Комисијата и пратеник од ДУИ, Артан Груби. Тој вели дека ќе проверува дали се работи за текстот на Предлог-законот кој синоќа бил договорен на владината седница.

„Откако ќе ги видам текстовите, ќе кажеме дали се работи за усогласените текстови за Предлог-законите за Јавно обвинителство и Совет на јавни обвинители и потоа ќе кажеме наш став. Секако дека синоќа со коалиционите партнери го усогласивме Законот, но сепак морам да проверам дали е истиот тој што е доставен денеска во Собранието“, рече Груби.

Тој истакна дека двете законски решенија ќе одат по скратена постапка, што значи дека прво ќе оди на пленарна седница, за да се изгласа потребата законите да одат по скратена постапка, а потоа ќе оди на прво и второ читање на Комисијата за европски прашања. Процедурата ќе трае два дена, по што ќе се врати на гласање на пленарна седница.

„Што се однесува до комисиската расправа, ако биде се во ред, убеден сум дека ќе успееме да завршиме до среда, за да може да се усвои Законот во рамки на очекуваните денови, со цел да се распушти Собранието за да се одржат предвидените парламентарни избори“, додаде Груби.

Пратеникот очекува ВМРО-ДПМНЕ да го прочита текостот на Законот, бидејќи го немаат прочитано решението кое утрово пристигнало во Собранието. Тој смета дека во предлогот има позитивни решенија за кои се надева на консензуална поддршка.

А.Т.

Слични содржини