Инспектори ќе ги „чешлаат“ општините – Милевски побара да користат „Северна“ во документите

од Берта Китинска

Министерството за локална самоуправа преку писмен допис од сите единици на локалната самоуправа побара да користат „Северна“ во документите.

„Секоја употреба на други зборови, освен зборовите „Република Северна Македонија“ во свечената изјава е спротивна на Уставот на Република Северна Македонија, како највисок правен акт во хиерархијата на правниот поредок“, се наведува во соопштението на министерот Горан Милевски.

Тој наведува и дека треба да се имаат предвид штетните последици кои можат да произлезат од нефункционирањето на советите, односно општините, и штетните последици со кои се нарушува меѓународниот углед на земјата и се поткопува правниот поредок, поради непочитување на Уставот.

По ваквите укажувања, инспекторите за локална самоуправа следната недела ќе одат во контрола на општините Штип и Аеродром. Од Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Штип најавија дека ќе го чекаат инспекцискиот надзор од Министерството за локална самоуправа по што ќе одлучат што понатаму да преземат. Доколку свечената изјава која ја дадоа 13 советници на ВМРО-ДПМНЕ и еден советник на Левица се прогласат за невалидни, како и изборот на претседателот на Советот на општината, кој е извршен по дадената заклетва, во тој случај, тие ќе се жалат пред Управниот суд.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ,Христијан Мицкоски, го повтори партискиот став дека Преспанскиот договор е реалност која не им се допаѓа, но доколку не се почитува, во рамките на административното функционирање на институциите, тогаш ќе имаат проблем со други инстанци, како обвинителство, судство.

Слични содржини