Избран нов претседател на Светска банка: Кој е Аџеј Банга?

од Stefanija Kuzmanovska

Светската банка, водечката глобална институција, има нов претседател – Аџеј Банга, кој е кандидат на САД.

Банката ја потврди оваа вест на 3 мај во своето соопштение, а Банга се декларира како Американец со индиско потекло. Инаку, тој беше единствениот кандидат и неговиот избор не е изненадување, се додава.

Банга ќе го замени Дејвид Малпас, исто така Американец, а функцијата треба да ја преземе на 2 јуни. Банга (63) во неколку наврати нагласи дека сака да му даде приоритет на финансирањето на борбата против климатските промени и реформите на Светската банка.

Она што друго се знае за Банга е дека тој беше извршен директор на Mastercard и дека е експерт за финансии и развој и дека ќе има петгодишен мандат како претседател на СБ.

Банга беше номиниран за оваа функција од страна на американскиот претседател Џо Бајден на крајот на февруари и беше единствениот кандидат да го замени шефот во заминување Малпас, економист и поранешен функционер во американското Министерство за финансии, кој служеше во администрацијата на Трамп.

Одлуката беше донесена со гласање на 24 членови на одборот, при што Русија беше воздржана, наместо вообичаениот процес заснован на консензус, изјави извор запознаен со процесот. Бајден му честиташе на Банга за неговото „големо одобрение“ да ја води Светската банка, која ја опиша како „една од најкритичните институции на човештвото за намалување на сиромаштијата и ширење на просперитетот низ светот“.

Банга е роден во Индија на 10 ноември 1959 година, оженет е и има две деца. Во моментов е потпретседател на General Atlantic. Тој имаше висока позиција во Mastercard од јули 2010 година до 31 декември 2020 година.

Слични содржини