Ќе се повтори постапката за Работничкиот дом, Трендафилов: На 1. мај или некој ќе фалиме или ќе бараме одговорност

од Nikola Popovski

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов денеска обелодени дека Основниот граѓански суд Скопје донел решение со кое ќе се повтори постапката за Работничкиот дом кој со одлука на Врховниот суд треба да му биде одземан на Синдикатот. Според него, судството мора да биде на нивото на задачата, да ги почитува законите, одлуките на Уставниот суд. Во спротивно, додаде Трендафилов, мерките како ССМ и постапката која ќе ја водиме пред Судот во Стразбур, ќе значи срам за државата и политичките чинители.

-До 1 мај очекуваме приоритет на постапката и нова пресуда која ќе значи враќање на предметот на повторно одлучување пред пониските судови, пред првостепениот и Апелациониот суд, или укинување на пресудата на Врховниот суд и на таков начин враќање на Работничкиот дом на работниците, кажа Трендафилов на прес-конференција.

Тој рече дека барањата не се во мирување, туку до 1-ви мај Врховниот суд да даде приоритет на постапката и да одлучува по предлогот за повторување на истата.

-На 1-ви мај, на големиот работнички протест, ќе треба да фалиме или да бараме одговорност, порача првиот синдикалец во државата.

На 9 ноември минатата година Врховниот суд пресуди и Работничкиот дом му го одзема на ССМ за што синдикатот побара оставка од судиите што ја донесоа одлуката и поднесе предлог за нивно разрешување до Судскиот совет. ССМ има испратено барање и до Уставниот суд бидејќи Врховниот суд не ја почитувал одлуката на Уставниот суд донесена во 1992 година во која е наведено дека државата нема право да одзема имот на синдикатите.

Слични содржини