„Климатскиот колапс започна“: Летото 2023 на северната хемисфера најжешко досега

од Stefanija Kuzmanovska

Светската метеоролошка организација (СМО) објави дека летото 2023 година на северната хемисфера на Земјата било најжешкото досега.

СМО, како меѓувладина специјализирана организација на Обединетите нации и Европската климатска служба Коперник во средата објавија дека август е најтоплиот месец забележан од почетокот на употребата на современа опрема и втор најтопол месец досега по јули оваа година.

Август беше околу 1,5 степени Целзиусови потопол од прединдустриските просеци, што е прагот на затоплување што светот се обидува да не го надмине.

Температурата на океаните, кои покриваат повеќе од 70 отсто од површината на Земјата, била највисока досега и била речиси 21 Целзиусов степен, објавија СМО и Коперник.

„Климатскиот колапс започна“, предупреди генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, според извештајот.

Според Коперник, 2023 година е втора најтопла година досега, по 2016 година.

Научниците ги обвинуваат климатските промени предизвикани од луѓето поради согорувањето на јаглен, нафта и природен гас, но и притисокот на природниот метеоролошки феномен Ел Нињо, кој привремено затопли делови од Тихиот Океан.

Климатологот Ендрју Вивер изјави дека бројките објавени од Светската метеоролошка организација и Коперник не се изненадувачки. Тој посочи дека владите не го сфатиле доволно сериозно прашањето за глобалното затоплување и изрази загриженост дека јавноста едноставно ќе заборави на ова прашање кога температурите повторно ќе паднат.

„Време е глобалните лидери да почнат да ја кажуваат вистината. Нема да го ограничиме затоплувањето на 1,5 степени; нема да го ограничиме затоплувањето на два степени. Сега се работи за тоа како да се спречи глобалното затоплување од три степени Целзиусови – ниво на затоплување што ќе предизвика хаос низ целиот свет“, вели Вивер, професор на Универзитетот Викторија во Канада.

Додека температурите на воздухот и океаните се на рекордно ниво, Антарктикот продолжи да бележи рекордно ниски количества морски мраз, соопшти Светската метеоролошка организација.

Слични содржини