КЛУЧЕН ТЕСТ ЗА ЛЕ ПЕН: Втор круг на локални избори во Франција

од Vladimir Zorba

Денес во Франција се одржува вториот круг од локалните избори, кои се сметаат за клучен тест дали анти-имиграциската крајна десница ќе добие поддршка пред претседателските избори следната година.

Марин Ле Пен, лидер на крајно десничарското Национално собрание, помина цела деценија обидувајќи се да го промени својот имиџ на екстремист, оставајќи ја нејзината партија заобиколена од многу француски гласачи, а неуспехот да освои еден од 14-те региони денес би значел голем чекор наназад за ребрендираната партија, објави АП.

Нискиот минатонеделен од одѕив на првиот круг од изборите, од само 33%, особено го оштети Националното собрание, а Ле Пен се надева дека со победа во еден од француските региони, таа ќе добие интензитет за претседателската кампања во 2022 година.

Националното собрание никогаш порано не освоило ниту еден регион.

Анкетите покажаа дека партијата на Ле Пен добива „ветер во грб“, со легитимни амбиции за освојување на власта во еден или повеќе од 12 континентални региони во Франција, која има и прекуокеански региони.

Сепак, АП наведува дека апатија ги погоди гласачите на Националното собрание минатата недела – само еден регион, на југоисток, ја стави партијата на Ле Пен пред другите, додека во другите региони беше позиционирана на второ место или пониско.

Партијата доминираше во првиот круг на претходните регионални избори во 2015 година, но пропадна во вториот круг, кога гласачите од другите партии се здружија против тогашниот Национален фронт, кој го смени името во 2018 година.

Најголеми шанси да запише регионална победа има во југоисточниот регион Прованса-Алпи-Азурен брег, каде што е сместен Марсеј.

Таму, кандидатот на Националното собрание, Тиери Марјани, е во тесна трка со сегашниот претседател на регионалниот совет, конзервативецот Рено Муселије.

Резултатите од изборите се очекуваат вечерва околу 20.00 часот, а левичарите во моментов држат пет од 12-те региони на континенталниот дел на Франција, додека конзервативците имаат седум.

Слични содржини