Кнесетот донесе закон со кој ќе се “изгасне“ Ал Џезира во Израел

Израелскиот министер за комуникации Шломо Кархи вети дека катарската „Ал Џезира“ ќе биде затворена во наредните денови и дека „нема да има слобода на изразување за гласниците на Хамас во Израел“.

од Бети Божиноска

Израелскиот парламент, Кнесетот, вечерва го усвои т.н. Закон за Ал Џезира со кој на владата ѝ се даваат привремени овластувања да ја суспендира работата на странските медиумски компании во Израел ако се оцени дека тие „им наштетуваат на безбедносните служби и националната безбедност“, пренесува  „Тајмс оф Израел“.

Законот беше усвоен со 71 глас „за“ и 10 „против“.

Израелскиот министер за комуникации Шломо Кархи вети по гласањето дека катарската „Ал Џезира“ ќе биде затворена „во наредните денови“, велејќи дека „нема да има слобода на изразување за гласниците на Хамас во Израел“.

Кархи, член на тврдокорната партија „Ликуд“ на премиерот Бенјамин Нетанјаху, рече дека е изгласана „плодоносна и ефективна алатка против оние кои ја користат слободата на медиумите за да ѝ наштетат на израелската безбедност и израелските војници и кои поттикнуваат тероризам за време на војна“.

Палестинските пратеници, кои се во малцинство во израелскиот парламент во кој доминираат десничарските и централнодесничарските партии, изразија противење кон законот.

Мансур Абас, лидер на Обединетата арапска листа (УАЛ), изјави во Кнесетот дека е во интерес на Израел „Ал Џезира“ да продолжи да емитува програма додека Иман Хатиб-Јасин, исто так од УАЛ, предупреди дека новиот закон дополнително го стеснува просторот за демократија во Израел.

Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, истакна денеска во врска со ситуацијата со затворањето на „Ал Џезира“ во Израел дека Вашингтон верува во слободата на медиумите.

„Тоа е од фундаментално значење. САД ја поддржуваат работата на критичките новинари во светот, вклучително и оние кои го покриваат конфликтот во Појасот Газа. Ако извештаите се вистинити, тоа не загрижува“, рече таа.

Претходно денеска, Нетанјаху го повика Кнесетот на вечерашната седница да усвои закон со кој неговата влада ќе има овластување да затвора странски медиуми и вети дека „итно ќе дејствува за затворање на Ал Џезира“.

„Терористичкиот канал Ал Џезира повеќе нема да емитува програма од Израел. Имам намера веднаш да преземам итна акција согласно новиот закон за да се запре работата на телевизијата во Израел,“ напиша Нетанјаху на „Х“.

Слични содржини