Комисијата за заразни болести со нови дополнителни мерки за заштита од морбили

од Vladimir Zorba

Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство по денешниот состанок донесе нови дополнителни мерки за заштита на населението од епидемијата на морбили. На сите родители кои имаат деца со наполнети 6 месеци, а живеат на територијата на град Скопје, им се препорачува од утре да се јават во најблискиот вакцинален пункт и да ги вакцинираат децата со МРП вакцината.

На ниво на држава се препорачува вакцинација на децата на училишна возраст, кои не примиле ревакцинација или воопшто не се вакцинирани со МРП вакцина.

Препорака на Комисијата е да се почне и со теренска вакцинација.

На родителите кои ќе се посомневаат дека нивните деца се заразиле од морбили или имаат висока температура и осип на кожата им се препорачува прво да се јават во пунктовите на здравствените домови, а доколку има потреба и по проценка на лекарот со упат да бидат испратени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит пазар“ и „Ѓорче Петров“ има и дежурни лекари кои работат секој ден од 19:30 до 07:30 часот, а за викендите 24 часа.

Во соопштението од Комисијата за заразни болести се нагласува дека децата кои не се вакцинирани со МРП вакцина нема да бидат примени во градинките, а се апелира да се вакцинираат и здравствените работници кои имаат непосреден контакт со пациенти заболени од морбили.

Се забранува и посета на болни во сите здравствени установи.

Вакцините, како што се наведува во соопштението од Комисијата, се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење.

Комисијата укажа дека само со колективен имунитет или 95 отсто вакцинирано население со МРП вакцината, ќе може да ја спречиме епидемијата и смртноста кај населението, кај најранливата категорија, децата кои воопшто не примиле вакцина поради возраста или поради некои други хронични заболувања.

Сите претходни мерки кои ги донесе Комисијата сѐ уште се на сила, се наведува во соопштението. Морбилите се високо заразно заболување кое лесно се пренесува по капков пат.

Едно лице со морбили (мали сипаници) може да зарази 9 од 10 лица околу него кои не се вакцинирани. Досега се вакцинирани 6.276 деца во Скопје, а пред прогласување на епидемијата во населбата Радишани, на 19 декември годинава, беа регистрирани околу 15 илјади невакцинирани деца со МРП вакцина.

Слични содржини