Конечно: Во Италија забележан значително помал број на починати и заразени од коронавирус

од Vladimir Zorba

Во Италија во последниве 24 часа починаа 525 пациенти од Ковид-19, додека потврдени се 4.316 нови случаи на заразени.

Така, најмалку 128.948 луѓе се заразени во Италија од почетокот на епидемијата, со 15.887 мртви. Оздравиле 21.815 пациенти, а дневно тоа е зголемување за 819 лица.

Италијанците вчера ја потврдија смртта на 681 лице и 4.805 новозаразени лица.

Во исто време, италијанската влада подготвува план од пет точки за контролирано отворање на земјата во време кога епидемијата на коронавирусот покажува знаци на исчезнување, рече претходно денес министерот за здравство Роберто Сперанца.

Италија се соочува со најлошата епидемија од сите европски земји, но ширењето на инфекцијата забавува и се појавуваат знаци на нетрпеливост и заситеност во деловниот свет и населението.

Во интервју за весникот „Република“, Сперанца рече дека владата ќе одржува мерки на социјална оддалеченост, ќе развива домашни методи на лекување за да излекува што е можно повеќе луѓе надвор од болниците и да го зголеми за неколку пати тестирањето.

Тестирањето на милиони луѓе треба да покаже „колку Италијанци се заразени, дали и колку се имуни, колку од нив и во кои области можат да се вратат во нормален живот“, вели министерот.

Тој, исто така, зборуваше за отворање нови болници кои ќе лекуваат од Ковид-19 и ќе развијат апликација за следење на заразените и ќе им дадат пристап до долгорочна здравствена заштита.

Сперанца повика на претпазливост, велејќи дека нема да има ден на кој ќе може да се каже „се е готово“ и дека би било неодговорно да се вети датум на враќање во нормала.

Потврдувајќи ги предупредувањата на експертите дека кризата ќе заврши едвај кога ќе се најде вакцината, министерот рече дека дотогаш треба да се создадат „услови за соживот со вирусот“.

Слични содржини