Конфискуваниот имот на Мијалков наскоро ќе оди на јавно наддавање

од Nikola Popovski

Директорот на Агенцијата за управување со недвижен имот, Дритон Небиу денеска информира дека презеле активности во врска со предметите за извршување на судските пресуди.

-За неколкуте мошне актуелни случаи за конфискација, веднаш преземав иницијативи со дадена поддршка и соработка од Министерот за правда г-дин  Кренар Лога и преземавме активности за нивно обелоденување и што поскоро нивно извршување. Имено, станува збор за случајот „Империја“ во врска со имотот на Сашо Мијалков, случајот „Труст“ или познат меѓу народот како Трансмет3 и случајот ,„Бачило“ – познат како Иснифарис Џемаили, рече Небиу во извештајот за 100-те дена работа откако е директор на институцијата.

Директорот потенцира дека конфискуваниот имот на поранешниот директор на УБК наскоро ќе биде објавен на јавното електронско наддавање коек Агенцијата ќе го изработи согласно законот и по согласност на Владата.

-Беше изработен предлог Нов Закон, со кој се изнајдени квалитетни решенија во извршувањето на неспроведливите конфискации и менаџирање со одземениот имот. Во поглед на Законот, иницирав неколку состаноци на највисико ниво со цел за нивно запознавање и давање на дополнителен напор за поскоро донесување на Предлог-законот со што би се отворил патот за унапредување на практиката на Агенцијата, а со самото тоа и би се зголемила и подобрила ефикасноста, но и напорите на органите на прогонот во Република Северна Македонија за борба против криминалот и корупцијата. Најголемиот дел од направените измени се во насока на подобрување на постојната правна рамка во која  има недоволно јасни постапки во однос на извршувањето на решенијата и пресудите за конфискација на имот и имотна корист, промени на не доволно јасните аспекти поврзани со имот кој е конфискуван од правни субјекти, а над кои е отворена стечајна постапка, конфискација на дивоградбите, прашања поврзани со заложно право над конфискуваниот имот, прашања поврзани со проценката, продажбата на имотот, терминолошко унапредување, унапредување на одредбите за социјално повторно користење (social reuse) на привремено одземениот имот, трајно одземениот имот и конфискуваниот имот, воведување Регистар, можност за решавање за на долгогодишните проблеми за одземените хаварисани возила сместени ширум државата, a воедно предвидено е Агенцијата да  задржува одреден процент од вредноста на остварениот приход од секоја продажба на одземените предмети и конфискуваниот имот од страна на Агенцијата за нормално функцонирање и менаџмент, информира Небиу.

Речиси една година помина откако поранешниот прв разузнавач Сашо Мијалков и бизнисменот Јордан Камчев признаа вина за предметот Империја каде беа обвинети злосторничко здружување и перење пари. Помина една година откако се спогодија, а имотот кој државата им го конфискуваше сѐ уште не е продаден. Законот и дава можност на Владата становите и парцелите на Мијалков да бидат дадени за користење на одредена институција без надомест, но рокот за таква одлука е еден месец по известувањето и тој е истечен.

Според законот, откако Владата ќе донесе одлука за продажба, Агенцијата носи заклучок за условите, начинот и времето на продажбата на становите и парцелите. Продажбата на одземената недвижност се врши со усно јавно наддавање. Усното јавно наддавање за продажба го спроведува комисија формирана од директорот на Агенцијата.

На списокот од 33 имотни листови чија вкупна вредност е 15 милиони евра, а во кои е впишана сопственоста на име на Агенција за конфискација на имот е и шумата во Горно Курилово на Водно од 650 метри квадратни и веднаш до неа градежна парцела од речиси 4 илјади метри квадратни.

Слични содржини