Костовски: Не смее со ликвидацијата на Галафарм да се забошотат одлеаните пари од Еуростандард банка

од Nikola Popovski

Бизнисменот Трифун Костовски се огласи по повод најавата од страна на оштетените штедачи на Еуростандард Банка дека фармацевтската куќа Галафарм ќе биде носена во стечај на ден 23 Јули 2021. Тој соопшти дека во целост ги поддржува и потврдува дека по неговите сознанија Галафарм е фирмата преку која се правело масовно перење на пари од страна на бившото раководство на Еуростандард Банка.

-Доколку и оди во стечај, институциите на прогонот мора многу сериозно да се позанимаваат со фирмата Галафарм и не смее со ликвидацијата на Галафарм да се забошотат одлеаните пари од ЕСБ. Повторувам, се може да се скрие, но трагата на парите каде завршуваат не може да се скрие, вели Костовски.

Во денешното соопштение на здружението на оштетените штедачи на Еуростандард банката Правда за штедачи, стои дека освен веќе утврдените долгови на четирите поврзани фирми во групацијата Галафарм од 2,55 милиони евра, во фирмите Галфарм и Галафарм 2 преку трансакции во вид на позајмици од фирми должници во Еуростандард банка, завршиле дополнителни околу 5.670.000 евра.

-Со тоа, вкупната загуба односно покрадени и проневерени наши парични средства изнесува околу 8.220.000 евра. Со најавеното рочиште за отворање на стечај над фирмата Галафарм, закажано за 23 јули, се прави обид овој криминал да се прошири и надогради. Актерите се познати, сцената е поставена, останува уште да се случи егзекуцијата на фирмата за неколку дена. Учесниците во овој криминал ќе бидат задоволни бидејќи повторно ќе ги оштетат оние кои ги довериле парите во банката, за да истите преку разни канали бидат покрадени од минати и сегашни измамници, велат оштетените штедачи.

Слични содржини