Котевска: Ставот на владиката Петар ја негира историјата на Македонија, чиј суштински дел е автохтоната борба на жените од овие простори за еднаквост

од Nikola Popovski

Гледана како целина, за мене изјавата на свештеното лице спаѓа во доменот на шпекулациите и пропагандата, но и на негирање на историјата на Македонија чиј суштински дел е автохтоната борба на жените од овие простори за еднаквост, вели за „Локално“, социо-правната истражувачка и феминистка, д-р Билјана Котевска коментирајќи го контроверзниот говор на владиката Петар во велигденското послание.

Од изјавата се чини дека, посочува Котевска, свештеното лице покажува знаци на класичен елитистички став и зборување од привилегирана позиција, што јавноста не го очекува од религиски лица, и не покажува знаци за допир со реалноста во Македонија.

-Kаде што жените, вклучително и православните жени, сѐ уште се отпуштани од работа затоа што затруднеле, каде жените се повеќе од 90% од жртвите на семејно насилство, каде жените иако многу повисоко образовани се сѐ уште помалку платени и помалку вработени од мажите и сѐ уште не се дел од јавниот и политичкиот живот како што би требале да бидат според неспоредливо поголемите квалификации кои ги имаат споредено со мажите, каде жените трошат несразмерно многу повеќе време на грижа за децата, домот, семејството додека одат и на работа, за разлика од мажите кои дури и кога не одат на работа голем дел од грижата за домот и семејството ја оставаат целосно на грбот на жените, итн, посочува соговорничката.

Бидејќи ова е секуларна земја, додава Котевска, ставовите на свештените лица не се и не треба да бидат прашање ниту тема за државата се додека не преминат граници на законски дозволеното.

-Секуларноста не значи и отворена дозвола за беззаконие. Поради елементите од изјавата кои би можеле да се толкуваат како негирање на достоинството и на постоењето на група на лица врз основа на родов идентитет и нивно стигматизирање, треба Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да го разгледа потенцијалот за утврдување на вознемирување врз основа на родов идентитет. Овде има и можни знаци за злоупотреба на човековите права односно користење на слободата на мисла и вероисповест за ширење на недемократски идеи, во случајов за негирање на постоењето и на достоинството на дел од нашите сограѓанки и сограѓани. Ваквите злоупотреби се забранети според меѓународното право кое е дел од нашиот правен систем и нема бланко исклучок за свештените лица, истакнува истражувачката.

Котевска тврди дека е важно со ова да се позанимава самата православна црква и да се запраша „која е пораката што на еден од најголемите православни празници ова лице, кое е лицето на МПЦ во две епархии, им ја испрати на 430 558 православни жени“.

-Патем, според пописот од 2021 се и мнозинство помеѓу православните верници (православни мажи се 416 832), но и на сите жени во земјава и во австралиско-новозеландската епархија. Уште еден знак дека за ова пред се треба да се загрижи внатре самата црква, за можните влијанија во нејзините редови, е фактот што дел од кажаното содржи елементи кои потсетуваат на класичната пропаганда против родовата еднаквост која доаѓа од интересни групи кои не само што немаат никаква врска со МПЦ, туку на глобално ниво се и често сериозно финансирани од други религиски групации (види овде), ни рече истражувачката.

Потенцира дека има потреба од должно внимание од страна на државните институции во процесот на консултациите во врска со родовата еднаквост во Македонија и потребата за соодветно критичко третирање на секој еден придонес.

-Ние имаме лица кои се стручни и цел свој живот работат на темата родова еднаквост. Сметам дека е крајно време како што кога станува збор за економски политики се прашуваат економисти, за градежни политики и планирање архитекти, така треба веќе да сфатиме дека кога станува збор за политиката за родова еднаквост треба да се прашуваат лицата кои тоа го студирале и кои тоа го работат веќе со години. Како што не би му дале на автомеханичар да ве оперира, така не може да ја оставите родовата еднаквост, која е исклучително комплексна и е со широки и далекусежни општествени импликации, на лица кои за тоа не се ниту образовани ниту стручни, а некои од нив не работеле на оваа тема ниту еден ден, децидна е Котевска.

Н.П.

Слични содржини