Ковачевски: Вложуваме во македонското високо образование според успешни европски пракси, младите образовани луѓе ѝ се потребни на државата

од Nikola Popovski

Премиерот Димитар Ковачевски денеска присуствуваше на првиот академски час и доделувањето индекси на новите студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а на настанот се обратија и министерот за образование, Јетон Шаќири и министерот за здравство, Фатмир Меџити, како и проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје и проф. д-р Светозар Антовиќ, в.д. декан на Медицинскиот факултет при УКИМ.

-Секогаш вложувајте во вашето знаење, тоa е она што ќе ве формира и како личности и како професионалци и е влог кој ќе ви се врати повеќекратно низ животот. Знаењето е единственото нешто кое никој никогаш не може да ви го одземе. Таму всушност лежи моќта на сите промени кои ќе ги направите и за самите себе и за општеството. Јасно ми е дека многу работи од денешна перспектива ќе ви изгледаат непознати, тешки, и ќе ви изгледаат можеби недостижни, но сакам да ве уверам дека ако сте фокусирани, ако имате отворен ум, ако сте гладни за знаење, за вас нема да има никаква пречка. Вие – и секој поединечно и сите заедно, ако сакате и ако си го поставите како цел, можете да го смените светот околу вас, истакна премиерот.

Ковачевски додаде дека како Влада вложуваат во човечкиот капитал.

-Клучно значење има квалитетот на високото образование, што го унапредуваме во соработка со универзитетите и со нашите стратешки партнери од Европската Унија и САД. Резултатите ги очекуваме на среден рок, затоа што секоја квалитетна реформа бара време, бара човечки и бара финансиски ресурси. Но, насоката е заземена – тоа е македонско образование, по успешни европски пракси. Во 2018 година донесовме целосно нов Закон за високо образование што ја гарантира академската слобода на делување и изразување и обезбедува повеќе права и можности за наставниот и научниот кадар, како и за студентите. А веќе дискутираме и за надградба на Законот и тоа наскоро ќе се случи. Исто така, во моментов се работи на 4 клучни стратешки документи за изградба на квалитетен национален систем за високо образование до 2025 година.

Во меѓувреме го унапредуваме и студентскиот стандард. Преку Министерството за образование и наука доделуваме повеќе различни категории државни стипендии, по различни основи. Најголем дел од категориите на стипендии ги изедначивме на сума од 6.050 денари месечно, што е зголемување за 80% од претходно. За студентите пак кои се запишани на дефицитарни студиски програми по математика, физика и хемија, а од минатата година и на земјоделство, шумарство и ветеринарство – има месечни стипендии во износ од 18 илјади денари. Од лани воведовме стипендии и за студенти на студиските програми за превод, историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија, во износ од 6.050 денари, рече премиерот во своето обраќање.

Слични содржини