Левица: Мицкоски и советниците на ДПМНЕ со амандманите се реваншираат кон Јакимовски за пропаднатата љубовна врска

од Nikola Popovski

Политичката партија Левица остро ги осудува лагите искажани на денешната прес-конференцијата на градоначалникот Стевчо Јакимовски. Велат дека Јакимовски искажал низа неточни тврдења и лаги поврзани со последната седница од Советот на Општина Карпош.

-Советничката група на Левица преку поднесување на неколку предлози за програмите дејствуваше целосно конструктивно, а согласно барањата на жителите.

Благодарение на изгласаните предлози на Левица, Советот на Општина Карпош сега ќе има дополнителна алатка за спречување носење штетни детални урбанистички планови, а во однос на субвенционирањето на полагање на возачки испити, сега таа мерка добива на социјален карактер.

Претседателот на Совет, Бранко Ристов постапува исклучиво согласно Законите, Статутот и Деловникот на Општина Карпош и е обврзан да ги почитува истите, без разлика дали тоа му се допаѓа на Јакимовски или не, порачуваат од огранокот на Левица.

Според партијата, Ристов неколку пати јавно, но и на самата седница апелирал до советниците на ВМРО-ДПМНЕ да се откажат од неконструктивните амандмани, за што постои и видео материјал.

-Оттука, тврдењата на Јакимовски се лажни и смешни и со искажаните индиректни закани нема да ја одврати советничката група на Левица во борбата против урбанистичката мафија и сите штетни активности на Градоначалникот и неговите соработници.

Левица најостро ги осуди и ги осудува амандманите поднесени од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција. Истите тие ниту се констурктивни ниту се од интерес на Карпошани. Со поднесувањето на овие амандмани очигледна е желбата и побудата кај Мицкоски и советничката група на ДПМНЕ за реванширање кон Јакимовски за нивната пропадната љубовна врска.

Затоа апелираме уште еднаш, љубовните рани Јакимовски и Мицкоски да ги решаваат надвор од Општина Карпош бидејќи истата не е во нивна сопственост иако изминатите години се однесуваа како тоа да е така, па со низа штетни одлуки трајно го девалвираа квалитетот на животот во Општина Карпош, стои во партиското соопштение од Левица.

Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски вчера ја предупреди јавноста дека поради блокирањето на Буџетот од страна на дел од советниците, доведено е во сериозна опасност работењето на општината и давањето на услугите на граѓаните во Карпош. Со блокирањето на Буџетот, како што рече Јакимовски, директно се загрозува локалната власт.

Јакимовски наведе дека освен што е во опасност реализирањето на сите програми на општината, во сериозна неизвеност се доведени и исплатата на платите, па дури и работните места на вработените во градинките, училиштата, во општинската администрација и на привремено вработените.

-Партиите кои се најодговорни за оваа работа сносат одговорност. Јас не можам да се изначудам на колегите од Левица кои за претседател имаат универзитетски професор по право да прибегнуваат кон вакви политички одлуки кои го суспендираат правото. Во тој дел, мислам дека најголема е нивната одговорност, нагласи меѓу другото градоначалникот на Карпош.

Слични содржини