Мало дете од Тетово искасано од бездомни кучиња пред сопствениот дом

од Nikola Popovski

Петгодишно дете од тетовска Мала Речица е тешко повредено од бездомно куче, и поради тоа има рани од каснувањето по цело тело. Поради сериозноста на повредите е хоспитализирано на Детска хирургија во Скопје. Детето добива редовна терапија и е во стабилна состојба.

Семејството реагира на тоа што во тетовската клиничка болница детото ја нема добиено вакцината против беснило која се дава при каснување од куче. Детото било однесено денеска во Скопје за да ја прими вакцината.

-Беше 10.30 часот пред портата кога го нападнале цел чопор на кучиња. Среќа што соседот успеал да ги избрка некако. Има каснување на цело тело, на око, на уше, на грбот, на раце и нозе, по телото. Не можев да го подигнам од што го болеше секаде. Во болница имаше шиење посебно на око, па кај друг лекар за лице, па друго место за грбот. Прими само една вакцина, а за другата против беснило мора да одиме во Скопје затоа што овде ја нема, изјави мајката Валбона Мемети.

Детето добило антитетанус, инфузија и антибиоцици, а во болничкиот извештај стои дека е консултиран инфектолог за антирабиес превенција. Потоа и дека се упатува на Клиниката за инфективни болести во Скопје, стои напишано на лекарскиот извештај.

Општина Тетово, по вчерашниот напад, најавија дека ќе се обезбедат дополнителни средства за третман на животните скитници, како и дека преку регионален пристап ќе се надминуваа оваа проблематика.

Оттаму информираат дека се изработува проект со помош на Програмата за разој на Обединетите Нации (УНДП) и Шведската агенција за меѓународна соработка.

Слични содржини