Меџити за „Локално“: По 8. мај земјата ќе биде ослободена од криминалот и корупцијата, чекорејќи одлучно кон уставните измени и ЕУ

од Nikola Popovski

Груби и Османи се фасадата и профитерите на ДУИ. Срцето и духот на ДУИ го нема веќе. Тие може да бидат убедени дека ќе владеат долго, оти само тоа ги интересира, но тие се лаици, немаат искуство како се добиваат гласовите и изборите, вели во интервју за „Локално“, претседателот на партијата Демократско движење, Изет Меџити, кој е дел од здружената албанска коалиција која стана Европски сојуз за промени.

Околу тензиите со крстот и знамето на црквата на Попова Шапка, Меџити посочува дека гледаме тенденции вештачки да се загреат меѓуетничките односи.

-Тоа што сакам да потенцирам е дека граѓаните ги читаат овие пораки кога не им оди добро на одредени политички кругови сакаат да фрлат магла на ситуацијата, но овие сценарија не поминуваат веќе, истакнува поранешниот градоначалник на Чаир.

На прашањето како ја гледа Македонија по изборите на 8-ти мај 2024 година, Меџити посочува дека нè очекува голема промена во албанскиот политички блок.

-Земјата ќе биде ослободена од криминалот и корупцијата, чекорејќи одлучно кон уставните измени и Европската Унија, дециден е еден од лидерите на Европскиот сојуз за промени.

Заминавте од лидерската средба, обвинивте за подготвување на фалсификат на идните избори. Што планирате да преземете во следниот период?

-И на брифингот со новинари потенциравме дека ако тоа што ни следи како албанска опозоција, значи член во ДИК, ни го негираат, ќе го бојкотираме собранието и тоа претставува само почеток на радикализирањето на опозицијата.

Она што моментално ја разбранува македонската јавност, многу информации, полу-информации и дезинформации се напишаа во врска со убиството на Вања Ѓорчевска (14). Една од нив беше и дека нејзиното тело е пронајдено во соседна држава, а повеќето веднаш побрзаа да шпекулираат дека се работи за Косово. Дали ова грозоморно дело требаше да послужи и за уште поголемо подгревање на етничките тензии?

-Искрено не сум чул за вакви гласини, како и да е многу лошо звучат и како гласини. Ние сме земја членка на НАТО и безбедноста на граѓаните треба да биде на највисоко ниво. Многу ми е жал за случајот на младата Вања, изразувам длабоко сочуство до најблиските, јавно ги повикувам компетентните институции максимално да се казнат виновниците.

Потфрли ли државата во случајот со убиството на малата Вања, каде вие ги гледате најголеми пропусти?

-Апсолутно да, и во овој случај но исто така во нашата земја станаа нормални ситуации кога среде бел ден во трговски центри има пукотници каде што има огтомна фреквенција на луѓе.

Кога зборуваме за етнички тензии, во Тетово имаше „инцидент“ со македонско знаме поставено до црква. Дали овие „инциденти“ се креираат вештачки и на кој според вас му одговара конфликт на Македонците и Албанците – на опозицијата или власта?

-Гледаме тенденции вештачки да се загреат меѓуетничките односи. Тоа што сакам да потенцирам е дека граѓаните ги читаат овие пораки. Кога не им оди добро на одредени политички кругови сакаат да фрлат магла на ситуацијата, но овие сценарија не поминуваат веќе. Апсолутно сме против ова и со најголема одговорност тврдам дека ваквите ситуации не им одговараат на никого, а најмалку на граѓаните.

Многу обвинувања упатувате на дневно ниво преку вашите обраќања во медиумите и како новоформирана партија, а ДУИ е главната цел. Вие долг период бевте дел од партијата, што според вас е променето сега за да кренете глас против вашите поранешни сопартијци?

-Ова не е само мој став, туку веќе сите го знаат. Ако ДУИ беше позната по внатрешната дебата, долгите состаноци на претседателството, сега, тоа што остана од ДУИ како во комунизам, не трпи различно мислење, ги диференцира исто како во време на комунизмот сите оние кои размислуваат поинаку, како што впрочем беше и случајот со нас кога буквално заради сопствените ставови брвме исклучени огромен број на членови на партијата. Сега таму владее апсолутно едноумие, без состаноци, без органи, без дебата, секојдневно во ДУИ се обелоденуваат секакви коруптивни скандали со милионски суми, вмешање во судство, раководството на ДУИ се директни актери на враќањето на Никола Груевски во нашата земја како херој, длабоко се влезени во бизнисот со казината. Искрено, жал ми е за ситуацијата во која е дојдена ДУИ, граѓаните ова најдобро го гледаат и чувствуваат, затоа на следните избори ќе ја казнат оваа политика, давајќи и можност на промената.

Видни лица на партијата, меѓу кои Османи и Груби, се убедени дека ќе владеат уште долго. Од каде ја црпат својата сигурност? Дали не очекуваат, како што велите „фалсификувани избори“ и како да се спречи фалсификување на волјата на албанскиот електорат? Дали можеби планирате да побарате помош од странскиот фактор?

-Груби и Османи се фасадата и профитерите на ДУИ. Срцето и духот на ДУИ го нема веќе. Тие може да бидат убедени дека ќе владеат долго, оти само тоа ги интересира, но тие се лаици, немаат искуство како се добиваат гласовите и изборите. Тие се ослепени од власта и корупцијата, но набргу граѓаните ќе ги отрезнат и времето ќе го потврди ова што го кажувам, дека граѓаните во овие избори јасно и одлучно ќе гласаат за промена. Тенденцијата за фалсификат е очигледна, ние и сега го повикуваме меѓународниот фактор да го спречи ова, заедно со нив, со сите расположливи средства ќе го одбраниме секој глас на граѓаните.

 

„Потребно одговорноста да се индивидуализира, а не да се генерализира и сите да се ставаат во еден кош“, велат претставниците на власта. Каде сме во однос на борбата со корупцијата после 3 децении?

-За жал ситуацијата во судството е на вакво дереџе и тоа е реалност. Довербата на граѓаните во судство е многу ниско, и тоа е реалност. Воопшто не се сложувам дека ситуацијата е генерализирана, има имиња и презимиња и тие најдобро ги знаат. Замислете бивши експоненти на ДУИ, сега во Судскиот совет по секоја цена сакаат да ја разрешат претседателката на Врховниот суд, Албанка, само затоа што не подлегна на нивниот притисок да го врати Никола Груевски.

За жал, ДУИ длабоко ги има ставено рацете во судството, следствено нр може да се очекува некаква борба против корупцијата и криминалот додека се тие на власт.

Едно од големите прашања за кое и вие се залагате се уставните измени и продолжување на европскиот пат на земјава, но се поголема е аверзијата на граѓаните, барем во македонскиот дел, за барањата на Европјаните, и се забележува големо „вртење“ кон Истокот, а тука се и вечните симпатии кон Србија. Како ја оценувате состојбата на тој план, излегува ли земјава од шините кои водат кон Брисел?

-Ние сме јасно, недсвосмислено ориентирани кон уставните измени. Впрочем тоа го имаме како прва точка и во декларацијата на нашата коалиција. Нашата држава е членка на НАТО, про-европска земја и наш главен стратешки сојузник се САД. Секое пролонгирање е шанса за евро-скептиците да дојдат до израз. Тоа не оди во корист на никого, нашата иднина е Северна Македонија член на Европската Унија и сигурен сум дека за ова се свесни и подржувачи сите граѓани на државата.

Изборите се закажани, подготвките течат кај сите партии, вие настапувате заедно со Касами (БЕСА) и Гаши (Алтернатива) како здружен албански блок. Имате ли коалиционен капацитет, кога станува збор со македонскиот блок, доколку успеете да ја победите ДУИ? Со кого Меџити не би коалицирал по следните избори?

-Тоа што го покажуваат анкетите но и расположението кај граѓаните е дека тие овие избори ќе гласаат убедливо за албанската опозиција и за промени. Тоа е битно за нас. Наш единствен партнер е албанскиот народ и албанските гласачи. Од нив црпиме легитимитет, тие се нашата сила.

Како ја гледате Македонија по изборите на 8.мај 2024-та?

-Тоа во што сум сигурен, не очекува голема промена во албанскиот политички блок. Земјата ќе биде ослободена од криминалот и корупцијата, чекорејќи одлучно кон уставните измени и Европската Унија.

Вториот од претседателските избори се „преклопуваат“ со парламентарните избори. Пендаровски нема да се кандидира за следен мандат, па дали сте размислувале за кандидат и каков претседател, по ваше мислење, и треба на Македонија?

-Да, во коалицијата размислуваме и интензивно работиме во оваа насока. Ние сме убедени дека нашиот кандидат, на албанската опозиција, со квалитетите и подготвеноста, ќе премине во втор круг и зошто да не, таргетитаме победа на претстојните претседателски избори.

Н.П.

Слични содржини