Метаморфозис: Во последните три години е намален бројот на тужбите за клевета и навреда против новинари поднесени од политичари

од Ивана Рамаданова

Послените три години е намален бројот на тужбите за клевета и навреда против новинари поднесени од политичари како инструмент за вршење притисок и нивно замолчување, велат резултатите на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“.

„Во овој период не само што се намали бројот на тужбите, туку и генерално и судовите во тековните процеси против новинари, не изрекуваа високи надоместоци за нематеријална штета. Последните три години имаше по околу триесет активни судски процеси секоја година, дел нерешени од претходните години и помал број ново поднесени. Во 2019 имаше тенденција да опаѓа бројот на тужбите од 30 на 25, меѓутоа по заканите за тужби од носители на јавни функции минатото лето, до крајот на годината бројот се искачи на околу 30. За жал, еден дел од тужбите се покренати од самите новинари против други новинари, што остава лоша слика за самата новинарска заедница. Од една страна, се бараше политичари и бизнисмени да не тужат новинари, а од друга, самите новинари се тужакаа меѓусебно“, се вели во анализата.

Според неа, во 2017 година позитивниот развој за слободата на медиумите беше нотирано во оценката на европскиот експерт, Рајнхард Прибе за владеењето на правото во Македонија, каде што во делот на медиуми и цивилното општество, се забележува дека бројот на тужбите се намалува и дека тоа прашање повеќе не предизвикува голема загриженост меѓу новинарите.

„Ваквиот позитивен тренд на решавање на еден сериозен проблем од сферата на слободата на медиумите, со кој новинарите се соочуваа со години наназад, фрли сенка минатото лето кога неколку високи владини функционери најавија дека ќе поднесат тужби против новинари, поради начинот на известување за аферата ,,Рекет,,. Во тоа време тужби најави тогашниот премиер, Зоран Заев, вицепремиерката Радмила Шеќеринска, шефот на дипломатијата, Никола Димитров, како и потпретседателот на Собранието, Фросина Ременски. Речиси во ист период, за случајот за набавка на радарски систем, секретарот на владата, Драги Рашковски се закануваше со тужби за клевета против неколку интернет портали. Од тие функционери што се заканија со тужби, само екс премиерот, Зоран Заев поднесе една тужба против новинарот Зоран Божиновски, кој на неговиот фејсбук профил го обвини Заев и неговите блиски соработници за обид за земање рекет во случајот ГАМА. За истите наводи, Божиновски заработи и друга тужба за клевета, од првиот човек на „Макпетрол“, Андреа Јосифовски“, се вели во анализата.

Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија, во 2017 година направи истражување за бројот на сите тужби за клевета од 2011 до 2016.

„За шест години вкупно во цела Македонија биле поднесени 1.909 тужби, од кои 497 пред Скопскиот граѓански суд меѓу 2013 и 2016 година, за кои нема податоци како се поднесени одделно по години. За овие три години против новинари во Скопје се покренати 173 тужби, што е околу 34 посто од вкупниот број на тужби.Ако се иземат овие тужби до Скопска двојка, од останатите 1.412, по години најмногу тужби се поднесени во 2011, кога се регистрирани вкупно 604 тужби. Следната 2012 имало 473 тужби. Наредните три години има тренд на опаѓање на тужбите. Во 2013, годината кога се декриминализараше клеветата со која се амнестираа сите активни тужби што се водеа пред Кривичниот суд во Скопје, бројот на тужби опадна на 108. Истиот тренд се на опаѓање се оддржа и во наредни, во 2014 година имаше 94, а во 2015 имаше 81, и во 2016 година, само 52 тужби. За споредба од податоците на СКУП, во кој се опфатени сите тужби за клевета, ЗНМ ги регистрира само тужбите против новинари. Според нивните податоци, во 2016 и 2017 година имало тренд на намалување на тужбите. Ако во 2016 имало околу 40 тужби против новинари, во 2017 бројот опаѓа на 30. Најголем дел се предмети незавршени од претходните години и помал број ново поднесени тужби“, се додава во анализата.

 

Слични содржини