Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер денеска оцени дека копнената операција за ослободување на ирачкиот град Мосул од Исламска држава нема да доведе до зголемување на терористичката закана во Европа.
– Не сметам дека поради борбата со ИД ќе има дополнителна закана, бидејќи истата е прилично висока, истакна Мезиер по средбата во Берлин со европскиот комесар за безбедност Џулиан Кинг.
Мезиер додаде дека треба да се зголеми соработката на национално и меѓународно ниво, за да се спречи продорот на потенцијално опасни лица во Европа.
Кинг во денешното интервју за германскиот весник „Велт“ наведе дека операцијата за ослободување н а Мосул, што почна вчера, може да влијае на безбедноста на Европска унија по враќањето на екстремистите во Европа.
Тој наведе дека има околу 2.500 европски борци во Ирак и во Сирија, од кои стотици Французи, Британци и Германци.