Мицкоски посакува коалиција со ВРЕДИ, Таравари дава рок за уставните измени: „Тешко е да се поверува во грејс период за предомислување на ВМРО-ДПМНЕ особено поради близината на изборите“

од Nikola Popovski

Нов аспект околу долгонајавуваните уставни измени кои треба да го продолжат европскиот пат на Македонија. Како што и се очекуваше, тие се во центарот на вниманието на изборната кампања. Кандидатот за претседател на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари вчера ја претстави својата програма. Што се однесува до членството во ЕУ, тој вели дека Македонија по секоја цена треба да ги започне преговорите. Бара рокот за спроведување на уставните измени да не биде повеќе од шест месеци и обелодени дека постои џентлменски договор со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, ниту една албанска партија да не влезе во влада која нема гарантира нивно усвојување. „Имајќи го тоа, сакам да нагласам дека уставните промени мора да се случат и евенуално, како иден претседател на Македонија ќе се обидам да ја остварам мојата прва посета на Брисел, од каде по секоја цена ќе барам тоа да биде последниот услов за Македонија. Тогаш ќе побарам од мандатарот на кого ќе му го предадам мандатот да обезбеди мнозинство пратеници, но и динамика за спроведување на уставните измени“, кажа Таравари на дебатна емисија.

Со оглед на најавената соработка и „природна коалиција“, доколку одат од „ВРЕДИ“ со ВМРО-ДПМНЕ, се поставува прашањето што со тврдиот став на опозицијата за уставните измени? Дали Мицкоски се сложува со Таравари? Дел од аналитичарите сметаат дека на веќе отпочнати преговори со ЕУ, по условите во преговарачката рамка и на завршен скрининг процес, уставните измени се последниот, а не првиот услов, при конечна форма на преговарачката рамка, за ефективното отворање на поглавијата и така треба да бидат третирани од секој политички субјект и поединец, кој вели дека ЕУ интеграцијата е приоритет. Оттаму, според поранешната пратеничка, Никица Корубин треба да се постави прашањето дали и коалицијата ВРЕДИ, покрај Мицкоски воопшто размислуваат за власт без уставни измени?

Никица Корубин

-Тоа е клучното прашање, на оваа, јас би рекла мека и суптилна легитимација на апсурдниот став на ВМРО-ДПМНЕ за „гаранции од ЕУ” и го препишувам на турбулентниот предизборен период. Имаат се уште време да ја прецизираат, нивната јасна поддршка за ЕУ, која длабоко верувам дека им е приоритетна, со јасна порака и до ВМРО-ДПМНЕ дека блокадата на уставните измени е блокада на ЕУ интеграциите, посочува Корубин во разговор за „Локално“.

Според неа, таа игра на фрази и флоскули, за одбивање да се каже очигледното, блокирање на ЕУ интегративниот процес, преку одбивањето да се изгласаат уставните измени, е јасна за позицијата во која се постави ВМРО-ДПМНЕ, но е нејасно зошто таа игра или „шоу“ е прифатлива и за СДСМ и за сите други политички партии и одбиваат да ја именуваат со вистинското име.

-Доколку, ВМРО-ДПМНЕ поддршката за уставните измени ја врзува за власта и од таа позиција за нив е прифатлива, во тој случај од нивна гледна точка сеедно би било кој би бил партнерот. Тешко е да се поверува во грејс период од 6 месеци за „предомислување“ на ВМРО-ДПМНЕ, особено поради близината на изборите, како идеална можност за дополнително време за маневри, на одржувањето на статус-кво ситуацијата, оценува Корубин.

За наводниот џентлменски договор на партиите на Албанците со кој се обврзуваат дека нема да бидат дел од владата без јасен договор за уставни измени, екс-пратеничката вели дека е предуслов за преговори за формирање на влада, а не за влез во неа.

-Затоа што уставните измени ги прави парламентот и тоа треба да биде и првата задача, после конституирањето, уште пред и да се формира идната влада. Но, секако е за поздравување ваков став, кој очекувам во целост и да биде испочитуван. Дали ќе има или не брзо формирање на Влада, во голема мерка зависи од тоа дали ќе има или не брзи уставни измени, вели Корубин.

Пред неколку месеци партиите на Албанците во земјава потпишале документ со кој се обврзуваат дека нема да бидат дел од владата без јасен договор за уставни измени, изјави денеска кандидатот за претседател од Европскиот фронт предводен од ДУИ, Бујар Османи. Доколку стане шеф на државата, рече дека прва работа што ќе ја направи ќе биде да ги свика лидерите на политичките партии на состанок, на кој нема да излезат додека не се постигне државен консензус.

„Членството во Европската унија е без алтернатива. Земјите од Западен Балкан не може да просперираат сами од своите капацитети и ресурси и затоа е потребно што побргу да се донесат уставните измени и до 2028-та да се затворат сите поглавја“, порача Османи.

Посочи дека идниот претседател треба да е сврзно ткиво на етничките и политичките наративи, компас на геостратешката ориентација и креатор на државниот консензус.

Н.П.

Слични содржини