Милатовиќ за „Отворен Балкан“: Иницијативата е „политизирана“ и претставена на погрешен начин во Црна Гора

од Vladimir Zorba

Претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ денеска изјави дека иницијативата Отворен Балкан е „политизирана“ во Црна Гора и оцени дека може да биде позитивна доколку им донесе добро на граѓаните и на економијата.

На панелот „Мир и демократија против војна и автократија“, на Преспанскиот форум за дијалог во Струга, Милатовиќ оцени дека отворањето на Балканот може да се постигне преку Отворен Балкан или Берлинскиот процес.

„Како економист, јас сум за Балканот да биде отворен. Мислам дека тоа е добра работа, но прашањето е многу политизирано во Црна Гора, а можеби и претставено на погрешен начин“, рече Милатовиќ.

Тој нагласи дека на оваа иницијатива треба да се гледа и од други агли.

„Ако направиме чекор назад и гледаме на работите од економска перспектива и ако оваа иницијатива донесе вредност за граѓаните и економијата, тогаш верувам дека е позитивна“, рече црногорскиот претседател.

Зборувајќи за евроинтеграциите, тој рече дека членството на Црна Гора е најдоброто нешто што може да го направи ЕУ во овој момент.

„Геополитички ова е најдобриот момент за влез во ЕУ. Црна Гора нема проблеми со соседите, ние преговараме десет години, веќе сме членка на НАТО, ја сменивме владата на релативно демократски начин. Ова е одговорот и она што им треба на другите земји во регионот“, рече Милатовиќ.

Слични содржини