Мукаетов: За „Алкалоид“ регионот е стартна точка од каде што се гради глобалната стратегија

од Vladimir Zorba

„Силно ги поддржувам регионалните иницијативи за соработка, како „Коморскиот инвестициски форум WB6CIF“, „Отворен Балкан“ и слични, чија цел е олеснување и унапредување на трговската размена, мобилност на работната сила, брз проток на услуги и разни синергии кои се насочени кон подобрување на конкурентноста на регионот. За „Алкалоид“, регионот е стартна точка од каде што се гради глобалната стратегија. Имаме производствен погон во Белград, хемиска лабораторија во Љубљана и тим за корпоративни правни работи во Загреб. Креиравме регионална фузија која му оди во прилог на деловниот развој, и која ја создадовме сами. Изнајдовме и форми за соработка со нашите конкуренти во Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина“, вели во интервју за InStore генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.

„Во оваа пригода би повторил една емпириска изјава на поранешниот генерален директор на „Алкалоид“, Трајче Мукаетов: Макросистемите мора да се градат врз основа на работењето и потребите на микросистемите, односно на компаниите. Факт е дека секоја фирма во земјава дава некаков придонес за целокупната економија, а со сета неизвесност што владее и се чувствува не само во земјава, туку и на другите пазари во регионов, компаниите се соочуваат со разни ризици и трошат драгоцено време и ресурси за надминување на предизвиците. Нашава земја во изминативе децении помина низ многу турбуленции, а прекумерната политизираност во сите пори на општеството не даде доволно простор за поголем економски развој. Ни недостига критичка мисла, приоретизација на интереси, а сѐ поевидентна е декаденција на системот на вредности. Успешните примери не се потенцираат, а, од друга страна, на цена се, незаслужено, лажни идоли. Младите заминуваат поради разочараност и подобри економски шанси надвор од нашата држава, додека домашната економија, доколку би излегла од маргините, би дала надеж за многу подобри перформанси. Генерално, во услови на политичка поларизација, бизнисите се оние што треба да обединат, односно да најдат начини како поефикасно да ја промовираат регионалната економска интеграција за да се обезбеди повисоко ниво на конкурентност, а со тоа и подобар животен стандард, повеќе странски инвестиции и посветла иднина за идните генерации“, порача тој.

На прашањето што треба да исполнува една компанија за да биде соработник/партнер на компанијата, Мукаетов нотира дека во листата со доставувачи на „Алкалоид“ на македонскиот пазар регистрирани се околу 1.200 мали и средни претпријатија.

„Листата со соработници и партнери во земјава и во регионот брои повеќе од 1.500. Во сите наши операции се залагаме за испорачување константно висок квалитет, чесност, исполнителност, висока деловна етика, професионален интегритет и кредибилитет кои ги бараме кај секоја компанија со која имаме воспоставено каков било вид соработка“, вели Мукаетов.

Слични содржини