Актуелно
Почетна / Глобално / Балкан / На Балканот петмина лица се заразени од новиот коронавирус

На Балканот петмина лица се заразени од новиот коронавирус

На Балканот каде има повеќе од 40 милиони жители досега се регистрирани пет заразени со новиот коронавирус (Ковид-19).  Нема починати од тој вирус. Тројца се заразени во Хрватска, еден во Грција и еден во нашата држава.

БиХ

Претставници на повеќе нивоа на власта во Босна и Херцеговина, вклучително и медицински професионалци, изјавија во средата на заедничката средба во Добој дека не се пријавени случаи на заболени од новиот коронавирус во државата и дека надлежните се подготвени за појава на таа зараза.

– Се договоривме на координирана акција доколку е регистриан случај на новиот коронавирус во БиХ, што не е исклучено. Сепак, не треба да се крева паника кај граѓаните, вирусот може да се контролира ако ги следиме потребните процедури, рече по состанокот премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ. Тој додаде дека се договорени постапки за постапување на лица со потенцијални симптоми на зараза со новиот коронавирус.

Србија
Во Србија нема регистрирано забоилени од Ковид-19. На граничните премини е воведен зголемен надзор над патниците, како и на сите српски државјани кои се враќаат од Кина и Италија. Министерството за здравство посочува дека водат евиденција за сите патници од проблематичните области.

Црна Гора
Вкупно 184 лица во Црна Гора во моментов се наоѓаат под здравствено-санитерен надзор поради актуелниот коронавирус.  Епидемиологот Божидарка Ракочевиќ од Институтот за јавно здравје изјави дека Црна Гора има тестови за лабораториска дијагностика на Ковид-19 и дека сместување во карантинските установи се разгледува во случај на масовно пристигнување на лица со симптоми на вирус. Пред Клиниката за инфективни во Подгорица поставени се шатори, но црногорските здравствени власти потенцираат дека се поставени превентивно и оти нема место за паника.

Албанија
Нема заразени од новиот коронавирус. Шефот на Националниот медицински центар за итни случаи , Скендер Братај, во интервју за албанската агенција АТА го објасни протоколот што се следи во сите случаи кога постои сомневање за инфекција со новиот коронавирус. Тој појасни дека кога луѓето ќе забележат симптоми, треба да го повикаат националниот број за итни случаи 127.

Бугарија
Официјално – нема заразени со новиот коронавирус. Се прават анализи на маж во Велинград кој се вратил од Рим на 23 февруари. Властите наредија и анализи на жена која починала во Димитровград од бронхопневмонија и која се вратила од Британија.На граничниот пункт Капитан Андреево се мери температура на патници кои минале низ Италија, Тајван и Хонг Конг.

Косово

Националниот институт за јавно здравство на Косово објави вечерва дека ниту едно лице кое досега било хоспитализирано под сомнение дека е носител на коронавирусот не е заразено од тој вирус.

Институтот соопшти дека е информиран оти во текот на вчерашниот ден на Инфективната клиника  во Приштина се примени шест лица за кои имало сомневања дека се заразени со коронавирусот и кај сите нив анализите биле негативни.

Хрватска
Трет случај на заразен со новиот коронавирус е регистриран во Хрватска, соопштија властите. Лицето кое е заразено е сместено во болница во Риека. Се работи за маж кој работел во Парма во Италија, соопштија властите.

Грција
Позитивни се резултатите на коронавирус од примерокот на 38-годишна жена во Солун, со што е и потврден првиот случај на Ковид-19 во Грција. Жената неодамна патувала во Италија, а е во добра здравствена состојба, како што соопшти портпаролот на грчкото Министерство за здравство и научен соработник во грчката Национална организација за јавно здравје, професорот Сотирис Циодрас.

Со одлука на министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас, се одложуваат и се отповикуваат редовните отсуства, слободни денови или одмори на вработените во болниците, здравствените установи, како и во министерството.

Словенија
Словенечкиот министер за здравство ја увери јавноста дека нема причина за тревога од појава на ширење на новиот коронавирус. Тој рече дека постои мало сомневање дека вирусот ќе се појави и во Словенија. Словенија досега не потврдила ниту еден случај на инфекција со новиот коронавирус, истакна министерот за здравство Алеш Шабедер на прес-конференција во Љубљана.

Досега единствените Словенци што се позитивни на вирусот е брачна двојка која се заразила на крузерот Дајмонд принцес вкотвен во Јокохама. Двојката е примена во болница во Јапонија.

loading...