Нестабилната политичка и економска ситуација, не дава можност да се проектираат повисоки стапки на раст на подолг период

од Vladimir Zorba

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини е прилично скептичен во однос на тоа дали економијата може да достигне повисоки стапки на раст до крајот на годинава. Податокот дека во првиот квартал домашната економија пораснала за скромни 2,1 % за него е доволен показател дека макроекономската слика во земјата не е променета.

„Во Македонија имаме еден проблем, што една работа се официјалните податоците што ги објавуваат државните институции а друга што надлежните министри секој ден не „бомбардираат” со нереален опис на состојбите. Министерот за финансии лани даде оптимистичка прогноза дека просечниот раст на економијта ќе достигне 5,4 % а факт е дека Македонија 30 години не остварила повисока стапка од 2,3 %. Што се случи одеднаш, кои услови радикално ќе се променат во државата за да стапката на растот биде толкав? Објавените податоци во 2022г. и последните за првото тромесечје, апсолутно ги демантираат таквите нереални очекувања. Многу е тешко во услови на турбуленции, нестабилни и драматични настани во светот да се проектираат стапки на раст на подолг период. Ние во никој случај не можеме да оствариме таков раст, ќе се вртиме околу 3 % плус-минус“, вели за „Локално“, Хајредини.

Како причини за низок економски раст и се помалку потенцијални извори за финансирање, тој го посочува фактот дека институциите не умеат да ги искористат и онака малкуте пари во буџетот предвидени за јавни инвестиции. Дека ситуацијата е далеку од розова, според Хајредини, се странските инвеститори кои не вложуваат како некогаш и меѓународните финансиски институции кои не сакаат да финансираат спорни проекти. Оттука според него логичен е фактот инфлацијата се уште да биде двоцифрена.

Џевдет Хајредини

Џевдет Хајредини

„Монетарната власт е принудена да ја зголемува основната каматна стапка, да се усогласат понудата и потрошувачката за да не дојде до раст на цените. Треба производство, бидејќи ако има поголема побарувачка од понуда, последица е раст на инфлацијата. Потребно е да се гледа реалната состојба во економијата за да се преземат реални мерки а не да се создава илузија дека ќе оствариме висок економски раст“, објаснува Хајредини.

Враќањето на ДДВ на електричната енергија на 18 % може да влијае на стандардот на граѓаните, па затоа според Хајредини апелира со цената да не се води социјална политика. Цената треба да е што пореална додава тој и затоа треба да се изнајдат други мерки и фондови со кои ќе им се помогне на сиромашните граѓани.

К.В.С.

Слични содржини