Нетанјаху: Победата е на дофат на раце

од Stefanija Kuzmanovska

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во интервју за Еј-Би-Си Њуз изјави дека израелската армија ќе обезбеди „безбеден премин за цивилното население“ пред очекуваниот напад врз Рафа, најјужниот град на Појасот Газа, отфрлајќи ги стравувањата за хуманитарна катастрофа.

И покрај меѓународната тревога поради потенцијален масакр во градот каде се наоѓаат повеќе од еден милион раселени Палестинци, Нетанјаху вели дека офанзивата е клучна за нанесување пораз на Хамас.

„Победата е на дофат на раце. Ќе го постигнеме тоа. Ќе ги победиме преостанатите терористички баталјони на Хамас во Рафа, кој е последниот бастион“, рече Нетанјаху.

Како што нагласи, на цивилното население ќе му обезбеди безбеден премин за да може да си замине. Тој призна дека се согласува „со Американците“ дека операцијата прво ќе треба да го планира влијанието врз цивилите.

„Ќе го направиме тоа додека обезбедуваме безбеден премин за цивилното население за да може да си замине“, додаде тој.

Нејасно е каде можат да заминат толку голем број луѓе, кои се притиснати на границата со Египет и се засолнуваат во импровизирани шатори. Прашан за тоа, Нетанјаху само кажал дека „разработуваат детален план“.

Со константното напредување на израелските сили кон југ, Рафа стана последниот голем град во Газа во кој војници допрва треба да влезат, иако е бомбардиран од воздух речиси секојдневно.

Слични содржини