Норвежаните пронајдоа викиншки брод во кој можеби бил погребан крал

од Nikola Popovski

Норвешките археолози се надеваат дека овој месец ќе го завршат ископувањето на редок, закопан долг брод во Гилестад, древно археолошко наоѓалиште југоисточно од Осло.

Тоа е прво вакво ископување во Норвешка во последните 100 години.

Поголемиот дел од бродот е изгниен низ вековите, но археологот д-р Кнут Пасха од Норвешкиот институт за истражување на културното наследство, верува дека распоредот на железни клинци сепак ќе овозможи изработка на реплика. Бродот бил долг околу 19 метри и широк пет метри, што го сместува на исто ниво со добро сочуваните викиншки бродови „Осеберг“ и „Гокштад“ кои се изложени во норвешкиот главен град Осло. Овие бродови биле пронајдени на западната страна на широкиот фјорд Осло.

Викинзите тогаш обично пловеле кон британските острови, па го напаѓале и колонизирале крајбрежјето, за што сведочат археолошките остатоци, како и нордиските зборови и имиња на Островот денес. Нордиските Викинзи исто така стигнале и на Исланд, Гренланд, па и Њу Фаундленд и во Северна Америка.

– Воениот брод пронајден во Ѓелестад потекнува од времето меѓу 750 и 850 година, изјави д-р Пасха за Би-би-си.

Тој вели дека првичните сознанија говорат дека е многу поразличен од другите бродови, а „тоа е навистина возбудливо“, како што нагласи археологот. Се претпоставува оти во него, можеби бил закопан крал.

Слични содржини