Новиот чешки претседател бара неограничена воена помош за Украина

од Nikola Popovski

Новоизбраниот чешки претседател Петр Павел, поранешен генерал на НАТО, изјави во четвртокот дека не треба да има ограничувања за воената помош за воено разурната Украина, повикувајќи ги сојузниците да покажат поголема храброст, пренесува Радио Слободна Европа.

Павел, кој беше на чело на воениот комитет на НАТО од 2015 до 2018 година, победи на претседателските избори во Чешка викендов и ќе положи заклетва следниот месец.

Во интервју за агенцијата Франс прес, тој рече дека Западот треба да ѝ ги обезбеди на Украина сите видови оружје, освен нуклеарно, додека се бори против руската инвазија.

– Кога станува збор за конвенционалното оружје, навистина не гледам причина за некакви ограничувања. Украина не може да се бори против толку тежок противник без оклопни возила, беспилотни летала, артилерија и ракети со поголем дострел, но можеби и суперсонични авиони – додаде тој.

Западните сојузници и обезбедуваат на Украина значителна воена помош од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година во полн обем.

Сепак, Павел вели дека е потребна поголема храброст бидејќи „некои земји имаат малку резервиран став“ во однос на испораката на модерно оружје.

– Ако заземеме една позиција, тоа ни дава најголеми шанси за успех. За овие прашања треба да дејствуваме обединето. Треба да и ги обезбедиме на Украина сите средства за да и помогнеме да ја потисне руската армија – рече тој.

Ден по изборите, Павел разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да го увери за поддршката на Чешката Република.

Тој, исто така, рекол дека планира да ја посети Украина со неговата словачка колешка Зузана Чапутова напролет.

Чешката Република, членка на ЕУ и НАТО со 10,5 милиони луѓе, досега и обезбедила на Украина воена помош во вредност од 217 милиони долари, соопшти тамошното Министерство за одбрана за Франс прес.

Павел, исто така, ја поддржа кандидатурата на Украина за влез во ЕУ и НАТО по завршувањето на војната.

Тој рече дека членството на Украина во НАТО е само „прашање на политичка волја“.

– Во однос на договор за вредности, долгорочни стратешки интереси, технолошка интероперабилност меѓу НАТО и украинската армија, Украина веќе ги исполни условите – порачал Павел.

Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година. Во последниот месец, западните сојузници донесоа низа одлуки со кои се одобрува значителна воена помош за таа земја.

Слични содржини