Од непродуктивното трошење власта не сака да се откаже ниту сега, па фрла за споменици, барокни фасади и панорамски тркала, наместо вистински да им помогне на поплавените. Лицемерно, притоа, бара граѓаните да донираат за поплавените, реагира денска НСДП.

„Штетите кои ги предизвикаа поплавите, предизвикани од поројните дождови, во одделни региони на земјата уште еднаш пред јавноста доведоа да се покаже не само отсуството на институционални капацитети за навремено справување со временски непогоди, туку јавноста можеше уште еднаш да се увери дека Владата во своите буџетски трошење не дава приоритет за настраданите во поплавите, односно човечката несреќа не е доволен повод да се откажат од својот табиет за непродуктивно трошење. НСДП го смета за крајно лицемерен и морално неодговорен повикот на Mинистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, граѓаните со парични средства да се вклучат во хуманитарна акција за помош на настраданите, во ист момент кога Владата троши за непродуктивни проекти од типот на „Скопје 2014“, како што е градење на споменици, барокни фасади и панорамски тркала“, се вели во соопштението од НСДП.

Опозициската партија порачува дека е дрско министерот кој во својата куќа во Прилеп под кирија сместил фирми кои работат проекти финансирани преку државата, сега емотивно да апелира граѓаните и Црвениот крст да помагаат. Партијата побара итно да прекинат сите непродуктивни трошења, од кои, вели, власта има лукративни интереси, и државата да помогне на поплавените.

„Дрско е министерот кој во својот дом во Прилеп сместил една цела „индустрiска зона“ да се обидува морално да се „испере“ во јавноста со емотивни апели во кои бара помош од граѓаните и Црвениот Kрст, притоа изоставајќи ја својата Влада која се научи само да зема, да казнува, а не и да помага кога им е најтешко на своите граѓани. НСДП ја повикува Владата да стави мораториум на сите непродуктивни трошења и истите средства да ги насочи за помош на настраданите семејства во поплавите и за санација на последиците од истите. На овој начин настраданите граѓани и семејства ќе го добијат она што има припаѓа и им е најпотребно во овие тешки моменти. Вистински момент е лукративните интереси во трошењето на буџетските пари да се потиснат за сметка на принципот на солидаризирање со настраданите граѓани и семејства“, порача Нова социјалдемократска партија.

Слични содржини