Обвинителот во „Ласкарци“ не очекувал дека казните ќе се движат до законскиот минимум

од Nikola Popovski

Нашите очекувања беа дека казните нема да се движат поблиску до законскиот минимум на казнување за ова кривично дело кое што може да се движи во распон од четири до 20 години. Во тој поглед секако дека ќе се преиспита казната и битна алка во одговорноста е одговорното лице-вработен, изјави јавниот обвинител Дарко Јакимовски за пресудата за сообраќајната несреќа кај Ласкарци што се случи во 2019 година.

Јакимивски најави преиспитување на казните.

-Се надевам дека во иднина никогаш нема да бидеме сведоци на ваква трагедија, додаде обвинителот во изјава за медиумите.

Возачот на автобусот од компанијата „Дурмо турс“, Маноил Трифуновски е осуден на највисока казна затвор од 14 години. Според пресудата, сопственикот на компанијата Дурмиш Белули е осуден на казна затвор од четири години. Вработените во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Бобаровски се осудени на пет години затвор, а одговорниот за транспорт во фирмата „Дурмо турс“ Ремзи Мифтари е осуден на шест години.

Според обвинението, осомничените знаеле дека автобусот има неисправни сопирачки, но сепак, го пуштиле да го помине техничкиот преглед. Првите тројца се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека останатите за соучество во истото дело.

Во несреќата кај Ласкарци, што се случи на автопатот Скопје-Тетово на 13 февруари 2019 година, загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени.

Слични содржини