Општина Берово ќе покрива половина од трошокот за топол оброк за лицата од населените места

од Aleksandar Petrovski
Покривање на трошоците во износ од 50 проценти за еден топол оброк дневно и транспорт до домот за лицата од населените места е најновата социјална мерка што денеска на заедничка средба пред беровските пензионери ја презентираше градоначалникот Звонко Пекевски и претседателот на општината Јован Матеничарски.
На покана на претседателот на Здружението на пензионери Васил Механџиски, тие присуствуваа на седницата на која ги презентираа и останатите мерки предвидени во програмите на општината за 2020 година.
– Како една од поважните мерки што ќе се реализира со средства од буџетот во 2020 година е мерката со која се обезбедени трошоците во износ од 50 проценти, за еден топол оброк дневно  и транспорт до домот за лицата од населените места. Сметаме дека оваа мерка ќе придонесе за подобар живот на граѓаните, вклучително и пензионерите, рече Пекевски.
Претседателот на Советот додаде дека новата мерка е предвидена во програмата за социјална заштита и е воведена со цел да им се помогне на луѓето од населените места да имаат достапност до топол оброк.
Претходно, општината најави нови мерки и во делот на воспитно-образовниот процес, како поддршка за првачињата и учениците кои ќе се запишаат во прва година во беровската гимназија.

Слични содржини