Орбан: Без руските и кинеските вакцини ќе имаме проблеми

од Vladimir Zorba

Брисел „ја утна“ со набавката на вакцини против короната, Унгарија е во неволја поради тоа и неопходен е увоз на вакцини од исток, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Во интервјуто утрово за Радио Кошут, Орбан потсети дека имунизацијата на целото население во Израел е „скоро завршена“, од 30 до 40 проценти од граѓаните се вакцинирани во Велика Британија, а во ЕУ тој број не се мрда од 6,8 проценти од вакцинираните.

– Сето ова јасно укажува на тоа дека нешто не е во ред и тоа не е политичко прашање, ниту обвинение, ниту какво било изразување антипатија кон ЕУ или бирократијата во Брисел, туку факт. Така е: „ја утнаа“ – рече Орбан, пренесува МТИ.

Орбан ја поддржа иницијативата на австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој заедно со владите на Чешка, Словенија, Бугарија и Летонија предложи да се одржи самит на ЕУ за набавка и дистрибуција на вакцини.

– Гледаме дека некои земји добиваат повеќе, а некои помалку – рече Орбан и посочи дека Унгарија ќе се најде во непријатна ситуација доколку не нарача 3,5 милиони кинески и руски вакцини, со кои веќе се вакцинирани половина милион Унгарци.

Слични содржини